Што треба да знаете за дата-центрите и зошто има отпор

Дата-центрите се топ тема во јавноста и на социјалните мрежи откако стана јасно дека Владата е заинтересирана за ваква инвестиција во Македонија.

Засега е познато дека за тоа се разговара со извршниот директор на „Рамбл“, милијардерот Крис Павловски, кој е по потекло од Македонија, а живее во Канада.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Со кого разговара Мицкоски за изградба на дата-центар во Македонија

Дали има заинтересирани и други инвеститори засега нема официјална информација.

Исто така деновиве во фокусот е и одлуката на советниците на Општина Пехчево да не дозволат изградба на дата-центар во нивниот град.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Советниците на Општина Пехчево едногласно ја отфрлија иницијативата за изградба на дата-центар во градот

Што е дата-центар

Станува збор за објект во кој се чуваат голем број компјутерски сервери, мрежна опрема и складишта за податоци, во кој се обработуваат и складираат огромни количини дигитални информации.

За да функционира објектот му е потребно непрекинато напојување со струја, па користат и батерии и генератори, и моќни системи за ладење.

Истите работат 24 часа, а ги има со различна големина.

Не е познато за колку големи дата-центри има интерес за во Македонија.

Колку поголеми се, толку истите ќе трошат повеќе струја и вода.

Зошто им е потребна водата?

Вода користат бидејќи речиси целата струја што ја користат серверите се претвара во топлина, па мора постојано да се отстранува за опремата да не се прегрее.

Некои од нив се ладат со големи вентилатори или со суви разладни системи и тие трошат минимално количество вода, но можат да трошат повеќе струја и да создаваат бучава. Други пак користат разладни кули во кои водата ја презема топлината и испарува, а овој систем троши помалку струја за ладење, но може да користи многу вода.

Најновите системи за ладење на процесорите пак користат течност што кружи во затворен систем, па овде водата се внесува еднаш и потоа постојано циркулира, без нејзино испарување при ладењето.

Зошто отпор?

Освен што за нивно функционирање ќе треба одредена количина на вода, зависно од системот кој го користат, струјата е клучното прашање кога станува збор за Македонија.

Земјава се уште увезува струја, а за нејзиното производство е зависна од употреба на фосилни горива.

Освен користење на водени ресурси и струја, тука е и прашањето за еколошките ефекти врз животната средина.

Проблем може да биде постојаната бучава од вентилаторите, трансформаторите и разладните системи, а исто така резервните дизел-генератори испуштаат загадувачки материи кога се тестираат или се активираат при прекин на струјата.

Серверите, батериите и другата опрема пак периодично се заменуваат и создаваат електронски отпад.

Водата од разладните кули може да содржи концентрирани соли и хемикалии против корозија и да има основа за развој на бактерии.

Во светот има околу 12.000 активни дата-центри, а специјализирани за вештачка интелигенција има во само 32 држави.

Најмногу има во САД, Кина, Германија, Велика Британија…

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести