Во манастирот Пречиста во Кичево, се одржа сеноќно бдение по повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица, празник кој не само што е посветен на Царицата Мајка, туку се нарекува и летно Воскресение.
Имено, според преданието на светите отци, таа е првата која со тело се вознела при Христос, три дена по нејзиното упокојување. Сите други при таа Светлина, пребиваат само со душите.
„Со своето Успение таа не се оддалечила од Црквата, туку на таинствен и благодатен начин станала уште поприсутна во нејзиниот живот. Како што Христос, вознесувајќи се при Отецот, не ги оставил Своите ученици сираци, туку им ветил: Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот, така и Неговата Мајка, преминувајќи од земјата во небесната слава, не престанува да биде Мајка на верните и застапничка за светот.
Свети Јован Дамаскин вели дека нејзиното пречисто тело не било оставено на земјата, туку било пренесено во небесните царски живеалишта; оттаму таа е благослов за светот, утеха на нажалените, пристаниште за оние во опасност и брза помош за сите кои ѝ се молат. А свети Григориј Палама сведочи дека преку своето Успение таа се издигнала над ангелските сили поради својата единствена близина до Бога и дека, како Мајка Божја, останува посредничка на благодатта за човечкиот род.
Затоа нејзиното заминување не е отсуство, туку поинакво присуство: невидливо за телесните очи, но живо и дејствително во молитвата, Литургијата и целокупниот живот на Црквата,“ рече меѓудругото во својата беседа Владиката Партениј, кој претстоеше на целоноќното богослужение и чиноначалствуваше со Светата Божествена Литургија.
Овој голем празник, во манастирот Пречиста беше прославен торжествено, радосно, светогорски. Прославата на Успение, траеше како бденијата на Света Гора, каде што Богородица е владичица, игуманија, таму каде што е нејзината градина, а монасите цветови.
Започна во 21.30ч на 27 август и траеше речиси 14 часа, кои беа исполнети со возвишено величење на онаа која е молитвеничка за сите нас пред Бога. Мала жртва со молитви принесоа сите оние кои таа вечер се собраа околу монасите на Бигорски, монахињите од Рајчица и Пречиста.
Мноштво народ од цела држава, а посебено млади, го исполнија тој светол храм кој силно светеше и блесна во својата красота и убавина, откако со реставрацијата овозможена од добротворот Горан Мојсоски, иконостасот е претворен во ремек-дело.
Кандилата таа вечер ја потенцираа убавината на секој детаљ, кој зрачеше со светлина, при што нивните соединети сноповите, создадоа едно ново пречистанско сонце, кое светеше од иконостасот.
Ако задачата на хоровите, е со своето пеење да ги воздигнат душите што поблиску до Бога, хоровите кои таа вечер пееја во храмот, не само што ги воздигнаа туку ги соединија душите на присутните со својот создател.
Тоа го почувствува секој еден верник, кој таа вечер небесно патуваше преку песнословијата на светски прочуениот хор за источно-православно црковно пеење „Тропос“, предводен од истакнатиот хорарх и професор по источно-православно црковно пеење г. Константин Ангелидис. Интересно за овој хор е што пеел и на крунисувањето на кралот на Англија.
Но речиси исто толку возвишена беше и другата певница со псалтите од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, како и Бигорскиот хор, предводен од архимандрит Анатолиј, славејот на Бигорски.
Овие два хора, кои толку милно и хармонично се испреплетуваа, го направија бдението лесно, иако траеше со часови. Телата можеби се чувствуваа тешки, но душите беа лесни та ги крепеа и нив и ја бришеа сета мачнотија.
„Оваа вечер ѝ ја посветивме на онаа која постојано е со нас и ја утврдува Црквата. Бдението е навистина голем подвиг. Светите отци велат дека едно вакво светогорско бдение – бдение според светогорското предание, кое трае со часови, можеби дванаесет или тринаесет часа во храмот – заменува еден цел четириесетдневен пост.Тоа, се разбира, не значи дека треба да се утешиме со тоа и да не постиме. Сепак, колку повеќе се подвизуваме и Му го посветуваме својот живот на Бога, толку поголема благодат, радост и духовно задоволство ќе чувствуваме и толку повеќе ќе се издигнуваме кон Царството Небесно,“ истакна епископ Партениј во беседата.
Утехата која Владиката ја кажа и која секогаш кога е тешко ќе одѕвонува во уши е дека, Богородица знае што е болка.
„Со тоа Бог ни покажува дека во овој живот, односно во светот што ние, со својата слободна волја и со својот избор, сме го направиле ваков каков што е – долина на плачот и болката – нема да бидеме оставени. Имаме Бог Кој станал како еден од нас. Имаме и Мајка поголема од нашите мајки: Мајка на нашите мајки и Мајка на сите мајки, која секогаш ќе нè услишува и која знае што е болка,“ потенцираше владиката Партениј.
Пречекани со полна месечина вечерта, испратени со сонце утрината, бдението во Пречиста и физички и метафорички беше едно вистинско сведоштво за Светлината.











Фото/bigorski.org.mk














