66-годишен македонски државјанин е уапсен на аеродромот во Загреб, поради сомнеж за сексуално злоставување на 15-годишно девојче која патувала сама на меѓународен лет, пишуваат хрватските медиуми.
Имено, малолетничката за време на летот ја повикала стјуардесата и ја замолила да ја прочита пораката на нејзиниот телефон. Напишала дека се плаши од мажот кој седи до неа и побарала помош. Стјуардесата изреагирала присебно и под изговор дека ќе ѝ покаже каде се наоѓа тоалетот, го однела девојчето во пилотската кабина и го оддалечила од осомничениот патник.
15-годишниото девојче раскажало дека мажот започнал да ја допира по интимните делови на телото за време на подготовката за полетување, со изговор дека ѝ помага да го врзе сигурносниот каиш.
Екипажот на авионот ја информирал контролата за летање, па полицијата го уапсила на аеродромот „Фрањо Туџман“, при што бил спречен да го продолжи патувањето.
Разговорот продолжил во истрага, па полицијата осомничениот го спровела во Општинското државно обвинителство, а потоа пред суд, за на крај да му биде одреден притвор во Реметница.
Фото/Unsplash














