Народна банка: Основната каматна стапка останува непроменета, високата неизвесност и натаму присутна

На 15. септември 2026 година се одржала редовна седница на Извршниот одбор на Народната банка за поставеноста на монетарната политика. На оваа седница Извршниот одбор одлучил да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4,25%, информираа од Народната банка. 

Како што велат од таму, одлуката се заснова врз најновите макроекономски показатели и очекувања, како и на оцените за ризиците од домашното и надворешното окружување.

-Движењата на девизниот пазар се стабилни, при што во периодот јули  ̶  август, Народната банка интервенира со откуп на девизи. Сепак, и натаму има повисока побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, делумно како резултат и на повисоките цени на енергентите. 

Нивото на девизните резерви и натаму е во сигурната зона и е соодветно на целта за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот, обезбедувајќи 4,5 месечна покриеност на увозот на стоки и услуги, велат од таму.

Годишната стапка на инфлација се задржува на умерено ниво, но во август беа видливи ефектите од растот на светските цени на енергентите врз домашната инфлација, посочуваат од таму. 

-Извршниот одбор оцени дека сѐ уште е рано за да се потврди одржливоста на трендот на забавување на инфлацијата, особено имајќи го предвид високиот степен на неизвесност во надворешното окружување.

Имено, натамошното заострување на воените дејствија на Блискиот Исток, како и на војната помеѓу Русија и Украина, придонесе за повторен силен раст на цените на нафтата и останатите енергенти и за нарушувања во синџирите на снабдување, со можни пренесени ефекти врз девизниот пазар и домашните цени во следниот период. 

Покрај ова, и натаму опстојуваат домашните фактори коишто влијаат на побарувачката и создаваат ризици за идната динамика на инфлацијата. 

Во вакви услови, беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, при што присутната неизвесност упатува на потребата од задржување на претпазливиот пристап, велат од таму.

Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени досега кај задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијае и врз кредитните услови во економијата, подвлекуваат од таму. 

-На последниот состанок во септември, Европската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, во услови на понатамошни инфлациски притисоци поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, при што оцени дека инфлацијата ќе остане значително над целното ниво подолг период, велат од таму.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на август, девизните резерви изнесуваат 5.101 милион евра и се одржуваат во сигурната зона во согласност со показателите за адекватност, велат од таму. 

-Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при што во периодот јули  ̶ август, Народната банка интервенира со откуп на девизи. Сепак, со оглед на поголемиот износ на продажби на почетокот на годината, збирно, во изминатиот период од 2026 година Народната банка интервенира со нето-продажба на девизи. Притоа, промената на девизните резерви засега е малку подобра од очекувањата во априлската проекција, велат од таму.

Во август 2026 година, годишната стапка на инфлација изнесува 2,6% (2,3% во јули). 

-Растот на светските цени на енергентите се одрази и врз домашните цени, преку забрзување на растот на енергетската компонента на инфлацијата. Остварената инфлација е нешто послаба во однос на очекувањата во априлските проекции, при помал раст кај цените на храната од очекуваното.

Сепак, инфлациските притисоци и натаму опстојуваат, при исклучително голема променливост на увозните цени, што создава ризици во однос на патеката на инфлацијата во следниот период. Најновите ревизии на увозните цени релевантни за инфлацијата се нагорни, при изразена неизвесност за идната динамика на цените на примарните производи на светските берзи, велат од таму.

Домашната економија останува отпорна и покрај неповолното и неизвесно надворешно окружување, посочуваат од таму. 

-Во вториот квартал од 2026 година, реалниот годишен раст на БДП забрза и изнесува 4,3%, што е повисоко во однос на априлската проекција.

Растот во еден дел се должи на бруто-инвестициите, главно поради градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти. Во монетарниот сектор, кредитната поддршка и натаму е посилна во однос на проекциите, и е фактор што треба внимателно да се следи, додека растот на депозитната база засега не отстапува значајно од проектираната патека, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.



  • Најчитани вести



  • Најчитани вести