Седмо издание на Скопски градски фестивал од 18. до 26. септември

Седмото издание на Скопскиот градски фестивал ќе се одржи од 18. до 26. септември, годинава со програма посветена на музичкиот и културниот дијалог меѓу Македонија и земјите од регионот. Организатор на фестивалот е Баги Комуникации.

Фестивалот ќе донесе уметници од Македонија, Словенија, Албанија, Грција, Црна Гора и Бугарија, во концертни проекти што ги поврзуваат џезот, класичната музика, современото авторско творештво и музичкото наследство на Балканот. Дел од програмата се создава специјално за фестивалот, со нови соработки и премиерни изведби.

„Во седмото издание сакавме регионалната соработка да не остане само на ниво на гостувања, туку фестивалот да биде место каде музичарите навистина се среќаваат и создаваат заедно. Оттука и програмата што поврзува различни генерации, музички јазици и традиции, но и уметници од шест земји кои делат многу повеќе отколку што ги делат границите,“ велат организаторите од Баги Комуникации.

Во рамките на фестивалот ќе настапи словенечкиот саксофонист и композитор Васко Атанасовски заедно со Profundus. Атанасовски е еден од најпрепознатливите современи словенечки музичари, со богата концертна и дискографска кариера на регионалната и европската сцена. На концертот ќе бидат изведени негови авторски композиции, како и дела инспирирани од балканската музичка традиција.

Проект создаден специјално за годинашното издание ги обединува меѓународно афирмираниот македонски контрабасист Мартин Ѓаконовски, албанскиот пијанист и композитор Gent Rushi и грчкиот хармоникаш Thanos Stavridis. Тројцата музичари специјално компонираат заедничко дело, кое својата премиерна изведба ќе ја има токму на фестивалот. Средбата на нивните различни музички искуства – џезот, етномузиката и медитеранските влијанија – е во самата суштина на годинашниот фестивалски концепт.

Во програмата е и пијанистката Милјана Николиќ со проектот „Балкански композитори“, посветен на творештвото на современите автори од регионот. Николиќ е добитничка на повеќе меѓународни награди и активна учесничка на фестивали во регионот и Европа, а нејзината програма воспоставува дијалог меѓу класичната форма и современиот балкански музички израз. Истата фестивалска вечер свој самостоен настап ќе има и македонскиот гитарист и мултиинструменталист Мухамед Ибрахими, чиј авторски израз ги поврзува ориенталните музички влијанија со современата акустична и амбиентална музика.

Македонскиот виолончелист Антонио Илиоски и бугарската пијанистка Јана Василева Лолова на Скопскиот градски фестивал ќе ја одржат концертната промоција на албумот „Beyond The Silence“. Дуото, формирано во 2024 година, преку својата соработка ги поврзува македонската и бугарската музичка сцена, градејќи заеднички уметнички пат и современ пристап кон класичната музика.

На 20 септември, на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк, ќе настапи и младата скопска музичка група Фрекфенција, составена од ученици од основно училиште. Со нивното вклучување, фестивалот отвора простор и за генерацијата која допрва го започнува својот музички пат, ставајќи ги младите музичари во рамноправен фестивалски контекст.

Сите концерти ќе се одржуваат во камерната сала на Македонската филхармонија.

Основан во 2021 година, Скопскиот градски фестивал во изминатите шест изданија изгради препознатлив програмски идентитет и свое место на домашната културна сцена. Досега фестивалот обедини повеќе од 100 уметници од Македонија и регионот, иницираше бројни премиерни концертни проекти и нови уметнички соработки и создаде публика која ја препознава неговата програмска доследност и квалитет.

Скопски градски фестивал е поддржан од Град Скопје, Триглав Осигурување, НЛБ Банка и Амбасадата на Република Словенија во Македонија.

Влезниците за сите концерти се достапни онлајн на платформата www.wayin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести