„Chat GPT и Македонците“ тргнува на турнеја: Бојан Велевски ја става вештачката интелигенција на македонски тест

Стендап-комичарот Бојан Велевски денеска ја најави својата нова турнеја „Chat GPT и Македонците“, која стартува на 27. септември во Тетово, ќе помине низ единаесет градови низ Македонија, а големото финале е закажано за 17. ноември во Скопје.

Во фокусот на новото шоу е една од најактуелните теми денес: вештачката интелигенција. Но, наместо уште една сериозна дебата за тоа дали AI ќе ни ги земе работните места и како ќе ни го промени животот, Велевски ја врти приказната од македонска перспектива: што ќе се случи кога ChatGPT ќе се соочи со Македонците?

– Сите се плашат дека ChatGPT ќе нè замени. Јас велам, работата нека ја земе, платата нека остане. А кога ќе види со кого си има работа овде, мислам дека повеќе AI треба да се плаши од нас отколку ние од неа, вели Велевски.

„Chat GPT и Македонците“ преку препознатливи ситуации, локални карактери и секојдневни апсурди зборува и за нешто поголемо: колку брзо технологијата ни го менува животот, но и колку упорно ние успеваме секоја нова технологија да ја приспособиме на нашиот начин на живот.

Ко-автор на текстот е Божидар Божиновски, на кого ова му е трета соработка од овој тип со Бојан Велевски. Тој претходно беше текстописец на “Све ли ја да мислам” (2023) и политичката сатира “МОЖЕВМЕ” (2024).

Генерален спонзор на турнејата се ланецот маркети SPAR, а поддржувачи на проектот се GET ONE и New Moment.

Публиката пред настапот на Бојан Велевски, ќе ја загрева Боби Додевски.

Турнејата започнува на 27. септември во Тетово, во „Иљо Антески Смок“, а продолжува во Гевгелија на 7. октомври, Струмица на 14. октомври, Велес на 21. октомври, Кавадарци на 28. октомври, Битола на 31. октомври, Охрид на 5. ноември, Прилеп на 6. ноември, Штип на 9. ноември и Куманово на 12. ноември.

Финалниот настап е закажан за 17. ноември во Скопје, во Ресторан Парк – Ragusa Group.

Сите претстави започнуваат во 20:00 часот, а билетите се веќе во продажба: kupikarta.com.

Посебно место во рамки на турнејата ќе има Кочани, каде Бојан Велевски ќе одржи бесплатен настап за граѓаните. Одлуката настапот да биде без продажба на билети е гест кон градот и неговите жители по трагедијата која длабоко ја потресе целата земја.

– Кочани за мене не може да биде само уште една станица на турнејата. По сè што овој град и овие луѓе поминаа, сакав да дојдеме без билети и без комерцијален момент. Не можеме да ја смениме трагедијата, но можеме барем за една вечер да бидеме заедно и да донесеме малку смеа таму каде што долго ја немаше доволно, вели Велевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.



  • Најчитани вести



  • Најчитани вести