Во Паркот на Франкофонија во Скопје од 18 до 20. септември ќе се одржи второто издание на Street Food Picnic, тридневен настан кој ќе понуди добра храна, музика и содржини за целото семејство.
-Овогодинешното издание е посветено на семејното дружење и заедничкото поминување време на отворено. Во опуштена пикник атмосфера, посетителите ќе можат да уживаат во разновидна гастрономска понуда, музичка програма и детски работилници со игра и креативни активности, информираа од Општина Центар, која го организира настанот.
За гастрономскиот дел ќе се погрижат девет изложувачи – Milky, Oljo’s, Transilvanisko trdlo, Жешко Компирче, Sweet Corner, Сутлијаш Бар, Panino, Noa Gyradiko и Mustacos, со избор на солени и слатки специјалитети.
Богата програма е предвидена и за љубителите на музиката. Во петок ќе настапат Golemata Voda и Vaso, во сабота Shurbe, Day Off и Flooder, додека во недела музичката програма ќе ја заокружат Dimish, Trio Zigot и Machki.

Посебен дел од програмата е наменет за најмладите, кои во текот на викендот ќе можат да учествуваат во детски работилници, да се забавуваат и да поминат квалитетно време на отворено.
Во петок програмата започнува во 17:00 часот и ќе трае до полноќ, додека во сабота и недела започнува во 12:00 часот и ќе трае до полноќ.














