Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата.
-Цената на акцијата во периодот јануари – март 2026 година се движеше од 24.700 до 27.300 денари или просечно 25.249,85 денари за една акција, информираа од компанијата.
На 31.03.2026 година акциите на Алкалоид беа во сопственост на 6.532 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36 милијарди денари.
На 30. март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574 илјади денари.
Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција.
Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3% во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.
Што предвидува Бизнис-планот на Алкалоид за 2026 година
Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит во однос на 2025 година.
-Остварените резултати во првиот квартал од 2026 година се во согласност со планираната динамика на реализација на бизнис-планот. Во наредниот период се очекува кумулативните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните остварувања.
Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот, велат од таму.
Очекувања на Алкалоид за претстојниот период
-Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжува и во 2026 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, а неизвесноста и натаму останува изразена. Друштвото е изложено на каматен ризик главно по основ на краткорочните и долгорочните кредити, при што истиот континуирано се следи и се управува преку директни преговори со банките, без значајни осцилации кај каматните стапки.
Воедно, глобалните безбедносни кризи, вклучително и ескалацијата на конфликтот поврзан со Иран, дополнително го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста. Овие случувања имаат значително влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи пораст и зголемена волатилност на цените на енергенсите, што создава дополнителни инфлаторни притисоци и тешкотии во синџирите на испорака, како и ризици во однос на достапноста на одредени суровини и материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од продлабочување на глобалните трговски тензии може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме соодветни мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.
Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти, велат од компанијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За три месеци Алкалоид има 7,9 милиони евра инвестиции и 28 нови вработувања














