Алкалоид со раст на консолидираната добивка од 5% и консолидирани продажби од 85,1 милиони евра во првиот квартал

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март 2026 година продажбите на Алкалоид АД Скопје достигнуваат 3.660.848.825 денари, што е за 6% повеќе во споредба со истиот период од минатата година, соопшти компанијата.

Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.247.063.071 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар на Алкалоид се зголемени за 18% во споредба со минатата година.

-Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава.

Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби, велат од таму.

Од вкупните консолидирани продажби 37% се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 63% се остварени на странските пазари.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 20%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 13%, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 20-пати, потоа во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Чешка каде што продажбите се зголемени 2,3 пати. Потоа следуваат оние во Грузија (раст од 95%), Косово (раст од 39%), во Грција (раст од 38%), Полска (раст од 34%), итн..

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 93%.

Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 21%, препаратите ОТЦ со 19%, невролошките препарати со 13%, кардиолошките препарати со 11% од вкупните консолидирани продажби, итн..

Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 7% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2%, козметика со 4%, а билкарство учествува со 1%.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 837.272.265 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 475.481.780 денари и е зголемена за 17%.

-Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 993.129.751 денари и бележи раст од 7%, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 515.611.777 денари е зголемена за 5%, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За три месеци Алкалоид има 7,9 милиони евра инвестиции и 28 нови вработувања

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести