Алкалоид со сребрен медал од EcoVadis и со пласман меѓу најдобрите 15% компании на глобално ниво

Алкалоид АД Скопје го доби сребрениот медал SILVER | TOP 15% за 2026 година доделен од EcoVadis, со освоени 94 перцентили, информираа од компанијата.

Со ова признание Алкалоид се позиционира меѓу најдобрите 15% од сите компании оценети на глобалната платформа EcoVadis во последните 12 месеци.

Сребрениот медал претставува значаен напредок во однос на минатогодишниот бронзен медал BRONZE | TOP 35% и е уште една јасна потврда за долгогодишната посветеност на Алкалоид на одржливиот развој, одговорното работење, транспарентноста и континуираното унапредување на деловните практики, посочуваат од таму.

Ова признание дополнително ја потврдува зрелоста на системскиот пристап на компанијата во имплементацијата на ESG-стандардите и ја зајакнува довербата кај нејзините меѓународни партнери и соработници, велат од таму.

Според резултатите од оценувањето, најзначаен е пласманот на Алкалоид меѓу најдобрите 3% од оценетите компании во индустриската категорија Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати.

Дополнително, во поединечните области, Алкалоид се наоѓа меѓу најдобрите 1% компании во областа животна средина и 1% компании во областа трудови човекови права, меѓу најдобрите 13% во областа одржливи набавки и меѓу најдобрите 19% во областа етичко деловно однесување.

EcoVadis е една од водечките глобални платформи за оценување на корпоративната одржливост, а нејзината методологија ги опфаќа областите животна средина, трудови и човекови права, етика и одржливи набавки.

-Признанието од EcoVadis претставува дополнителен поттик компанијата и натаму да ги унапредува своите практики и да создава долгорочна вредност за вработените, партнерите, заедницата и за сите засегнати страни, во согласност со најдобрите меѓународни стандарди и практики.

Во годината во која компанијата го одбележува својот голем јубилеј, 90 години Алкалоид, ова е уште еден доказ за вредноста на знаењето, за моќта на посветеноста за создавање траен импакт и за важноста на упорноста во градењето доверба што трае низ годините, велат од таму.

На линкот повеќе детали и информации за методологијата за признанието EcoVadis – recognition.ecovadis.com.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести