Алта банка АД Битола во првите три месеци од годинава остварила нето-загуба од 28,03 милиони денари, соопшти Банката преку Македонската берза.
Истиот период лани Банката имаше добивка од 22,24 милиони денари.
-И покрај тоа што станува збор за остварена загуба, Банката е во рамките на планот за 2026 година, односно Банката остварила загуба помала од планираната за 8,94% или 2,75 милиони денари.
Планираниот и реализираниот негативен финансиски резултат се должат на прудентната политика за одобрување на нови кредитни изложености, што ја водеше Банката во транзицискиот период, поврзан со постапката за пронаоѓање стратешки инвеститор и постапката за преземање на Банката, со цел зголемување на квалитетот на кредитното портфолио преку поголема наплата на кредитите и решавање на нефункционалното портфолио, што се одрази на состојбата на кредитите и остварените приходи од работењето.
Исто така, стратегијата на Банката за раст и развој предвидува зголемување на трошоците на Банката, посебно во делот на човечките ресурси, што влијае на порастот на трошоците на Банката, велат од таму.
Нето-приходите од камата се пониски за 11,53 милиони денари, или за 12,23% во однос на истиот период од претходната година.
-Во однос на планот на Банката, нето-приходите од камати се повисоки за 3,12%, односно 2,51 милиони денари.
Овие движења се рефлектираа и врз нето-приходите од провизии и надоместоци, кои во однос на истиот период минатата година се пониски за 0,92 милиони денари, односно 5,68%, што главно се должи на
намалените приходи од провизии од кредитирање и провизии од платен промет на Банката.
Во однос на планот кај нето-приходите од провизии, се забележува послаба реализација на планот, односно истите се пониски за 58,40% во однос на планот, или 21,44 милиони денари.
Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 5,11 милиони денари и споредено со минатата година бележат раст од 11,88%, додека во однос на планот се пониски за 11,94%.
Останатите приходи од дејност се пониски за 0,69 милиони денари, односно за 9,36% во однос на истиот период од минатата година, главно како резултат на помалку остварени приходи од капитални добивки.
Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е позитивна и изнесува 1,88 милиони денари, што претставува значително подобро остварување во однос на планот со којшто Банката проектирала дополнителни исправки во износ од 7,02 милиони денари, додека во однос на истиот период во 2025 година, ослободувањата на исправки на вредност се пониски за 4,67 милиони денари.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа изнесува 21,44 милиони денари и ги одразува издвоените загуби за оштетување на преземениот имот во согласност со регулативата на
НБРСМ.
Загубите поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа се повисоки од минатогодишните за 13,49 милиони денари како резултат на евидентирање на оштетување на средствата што се преземени во 2025 година, велат од таму.
Трошоците за вработените бележат зголемување од 8,07 милиони денари, односно за 19,34% споредено со претходната година, како резултат на стратегијата на Банката за раст и развој, посочуваат од таму.
-Трошоците за вработените се пониски од планираните за 4,33%, односно 2,25 милиони денари.
Oстанатите расходи од дејноста се повисоки за 12,90 милиони денари, односно 30,82% во однос на минатата година, додека во однос на планот, истите се пониски за 4,71% или 2,71 милион денари.
Амортизацијата во однос на минатата година е повисока за 1,45 милиони денари, односно 9,54% и е во рамките на планираните износи.
Одразувајќи ги движењата на приходни и расходни билансни позиции, Банката во периодот 1.1.2026 – 31.3.2026 година оствари одлични ликвидносни и капитални показатели.
Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 31.3.2026 година изнесува 31,08%, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 46,54%, и тие се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сопственикот на Алта банка Битола ги купува Идеа маркети и уште четири фирми
Колкав надоместок имале членовите на менаџментот на Алта банка Битола лани
Како работела лани Алта банка Битола














