Асоцијацијата на професори по „Етика во религиите“ со отворено писмо и се обратија на министерката за образование Весна Јаневска, со кое бараат трајно заштитен статус на предметот како и правна заштита и трајно регулирање на работниот статус на сите професори по овој предмет во процесот на оптимизација, со цел конечно да се прекине 17-годишната социјална несигурност.
Од таму прашуваат до каде е исполнувањето на сопствените предизборни ветувања за заштита на традицијата и унапредување на религиското образование во државава?
Нивното писмо го пренесуваме во целост:
„Предизвикани од последните јавни реакции и отвореното писмо на неговото преосвештенство, епископот Стобиски г. Јаков, во коешто со исклучителна пастирска, граѓанска и општествена грижа се засега горливиот проблем со нихилизирањето и деградирањето на традиционалните вредности, но и со систематското уништување на предметот „Етика во религиите“, чувствуваме длабока морална, професионална и научна обврска како професори од националната Асоцијација јавно да Ви го поставиме горчливото прашање:
За што гласаа граѓаните на изборите во 2024 година? За сочувување и унапредување на традиционалните вредности и верското образование, или, пак, за прикриено промовирање на сексуално образование и истополови бракови?
Во овој контекст, додека се соочуваме со длабокиот јаз меѓу ветеното и реализираното, со целосен морален легитимитет Ви го поставуваме и второто, уште подиректно прашање:
До каде е исполнувањето на сопствените предизборни ветувања за заштита на традицијата и унапредување на религиското образование во државава?
Имено, ваквото отклонување од ветената агенда ни отвора дилеми за идеолошкиот правец на самата демохристијанска партија. Притоа, добро знаеме дека Вашите ставови не ги споделуваат сите во ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, јавна тајна е дека огромното мнозинство од поддржувачите на партијата со неверување го следат овој идеолошки офсајд, затоа што тој е во директен судир со вредностите, очекувањата и политичките определби врз основа на кои беше побарана и добиена довербата на граѓаните во 2024 година.
Имајќи го предвид ова несовпаѓање меѓу волјата на гласачите и актуелните чекори, веруваме и очекуваме оние во ВМРО-ДПМНЕ кои остануваат доследни на определбите за заштита на традицијата, моралот, семејството и религиското образование, јасно да го артикулираат својот став и предизборните ветувања конечно да ги преточат во конкретни политики.
Во согласност со ова, ние, професорите кои го предаваме предметот „Етика во религиите“, чувствуваме неизбежна должност да Ви се обратиме и уште еднаш да го пренесеме гласот на народот, на науката, правната рамка и егзактните аргументи, за конечно да му се застане на патот на долгогодишниот бирократски нихилизам и тивката маргинализација со која се соочува овој предмет.
Со ова писмо сакаме јасно и недвосмислено да Ве потсетиме Вас, Министерството за образование и наука (МОН), но и целата македонска јавност, на неколку фундаментални факти, уставно-правни референци и научни аргументи кои знаеме дека Вам Ви се многу важни, а се од витално значење за идентитетот и иднината на нашиот образовен систем:
Секуларизмот не значи атеизам, туку позитивна неутралност и партнерски однос со верските заедници.
Многу пати досега имаме пишувано на темата за секуларизмот и уште почесто сме барале државната администрација и одредени политички чинители конечно да го напуштат идеолошкиот наратив во кој со децении доминира погрешното сфаќање за одвоеноста на верските заедници од државата.
Имено, сите позитивно-правни анализи, Уставот на Република Македонија (член 19) и современата правна теорија недвосмислено потврдуваат дека принципот на одвоеност на верските заедници од државата во никој случај не значи прогонување на религиозната писменост и етика од јавните училишта. Што е уште поважно, Уставниот суд на Република Македонија, после една долгогодишна институционална дебата за границите на секуларизмот, во своите одлуки јасно потврди дека изборното, објективно и научно засновано проучување на религиите и нивната етика не го нарушува секуларниот карактер на државата, туку напротив – го збогатува нејзиниот духовен и плуралистички карактер.
Ниту еден современ демократски систем во Европа не практикува лаицизам кој создава вредносен и морален вакуум кај младите.
Напроти овдешниот институционален отпор, сите европски модели на религиско образование се засновани врз принципите на соработнички секуларизам. Во таа насока, изучувањето на религиите е во целосна согласност со членот 9 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и членот 2 од Протоколот бр. 1, кој им го гарантира неотуѓивото право на родителите да ги воспитуваат и образуваат своите деца во согласност со сопствените верски, морални и етички убедувања.
Меѓутоа, наместо да ги следиме овие европски стандарди, изминативе години образовните политики во земјава покажаа драстична и срамна диспропорција меѓу декларативните заложби на државата и општествената реалност.
За жал, со усвојувањето на Концепцијата за основно образование од 2021 година од страна на левичарската политичка гарнитура, предметот „Етика во религиите“ беше деградиран од својата дотогашна стабилна позиција на задолжителен изборен предмет во категоријата на т.н. слободни изборни предмети. Да, токму така! Она што после години тешка институционална и идеолошка борба беше постигнато во време на тогашната владеачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, за на крај да биде усвоен модел на религиско образование со кој се согласија и уставните судии и буквално сите партиски гарнитури, со Концепцијата од 2021 перфидно се погази.
Она што денес го примаме со неверување е фактот дека Министер на десно ориентирана политичка гарнитура, не само што не се обидува да ја исправи оваа неправда, туку продолжува да го поддржува овој парадокс.
Овде би сакале да истакнеме дека со редефинирањето на статусот на предметот, целата одговорност за неговиот опстанок безобзирно им беше префрлена на локалните директори и нивните административно-политички калкулации. Како директна последица на тоа, системските механизми за заштита на овој предмет, но и работната сигурност на дипломираните теолози и лиценцирани наставници, беа целосно занемарени од страна на МОН и Бирото за развој на образованието (БРО).
Така, преку нелојална конкуренција со забавни и неформални активности, застапеноста на „Етика во религиите“ драстично се намали, со што првичната благородна идеја од Законот за основното образование од 2009 година за системско, секуларно и квалитетно религиозно описменување денес е доведена до поразително, функционално изумирање.
Но, денес, за време на Вашиот министерски мандат, се соочуваме со нов, уште подалекусежен и поболен проблем кој директно загрозува стотици наставници и илјадници ученици.
Контрадикцијата меѓу изборните ветувања и погубната реалност на терен
Имено, додека оваа владеачка гарнитура и Министерството за образование и наука ги добија огромното мнозинство гласови од граѓаните ветувајќи зајакнување на воспитната компонента, враќање на традиционалните вредности, заштита на семејството и борба против вредносното деградирање, во практика се спроведува токму спротивното!
Актуелниот процес на т.н. „оптимизација на училишната мрежа“, иако замачкан со изрази за „рационализација и ефикасност“, во реалноста се претвори во брутален механизам за затворање на вратите за традиционалните вредности. Што е уште пострашно, со ова ширум се отвора вратата за продор на други, спорни вредности, кои се целосно туѓи и спротивставени на конзервативната политичка идеологија.
Да, токму така! Во овој процес, токму „Етика во религиите“ е првиот предмет што безмилосно се отстранува од распоредите, додека паралелно се врши целосно кратење на часовите и трајно протерување на високостручниот теолошки кадар од училиштата!
Апсолутно е недопустливо и скандалозно што овој кадар, кој зад себе има 6 години академско и педагошко образование (со постојани доусовршувања во изминатите две децении), цели 17 години е држен во социјално-правна несигурност со договори на определено време, за денес, под превезот на Вашата „оптимизација“, конечно да биде исфрлен на улица!
Што е уште попогубно, преку овој нов систем, етичко-религиското образование директно се заменува и изедначува со забавни игри, ора, танци, шах и рекреативни вежби. Ние немаме ништо против забавните активности, но недопустливо е предмет што нуди длабока морална вертикала и бара 6 години академска подготовка да се деградира на ниво на хоби!
Затоа, почитувана Министерке, процесот на оптимизација што го спроведувате не носи никаква реформа, туку директно уништување на единствениот мост меѓу младите и традиционалните вредности. Со ова, директно се фрлаат на улица цели генерации лиценцирани теолози, од кои речиси сите се МАЈКИ на семејства кои токму Вие ветивте дека ќе ги штитите!
Ве потсетуваме и на обемните емпириски истражувања и анкети што неодамна ги објавивме, а кои длабоко алармираат за следниве последици:
Се уништуваат воспитните цели. Недостатокот на часови и нестабилниот статус директно го оневозможуваат остварувањето на хуманистичките и етичките цели на религиското образование.
Младите ја губат отпорноста. Наместо да се искористи потенцијалот на овој предмет за градење соодветен морален систем кај младите против вредносниот релативизам, дигиталните зависности, врсничкото насилство и сите облици на девијација, државата со својата инертност свесно го уништува овој заштитен механизам.
Грубо се погазуваат трудовите и човечките права. Сведувањето на високообразованиот кадар на социјални случаи и „хонорарци“ е директно кршење на основните социјални и трудови права.
Почитувана Министерке,
Образованието во својата изворна смисла никогаш не било ниту смее да биде само сувопарно, техничко пренесување на информации и површно подготвување на децата за пазарот на труд. Образованието е, пред сè, целосно оформување на човечката личност и изградба на карактерот. Со лишувањето на младите од етичките и традиционалните ресурси на религиите, свесно се создаваат генерации без морален ориентационен компас.
Апсолутното мнозинство граѓани и родители во Македонија јасно бараат нивните деца да стекнат морална вертикала и традиционално воспитување во државните училишта. Игнорирањето на овие барања од страна на образовните власти претставува директно игнорирање на народната волја и погазување на уставното право на родителите.
Со ова, Министерството кое припаѓа на конзервативната политичка гарнитура директно ги прекршува сопствените ветувања. Ние, Министерке, баравме враќање на претходниот задолжителен изборен статус на предметот, а не негово ликвидирање; баравме заштита на работните места, а не бркање на улица после 17 години верна служба кон државата!
Време е децениската инертност конечно да отстапи пред научните аргументи, уставните гаранции и реалните потреби на нашите деца. Не прифаќаме да бидеме на маргините, не прифаќаме деградирање на нашата струка и најважно од сè: не прифаќаме да бидеме исфрлени од образовниот процес!
Поради сè горенаведено, ги истакнуваме следните БАРАЊА:
Итна измена на нормативната рамка во Законот за основното образование, со која предметот „Етика во религиите“ веднаш ќе се врати во категоријата задолжителен изборен предмет (со дефинирана алтернатива) и ќе добие трајно заштитен статус.
Правна заштита и трајно регулирање на работниот статус на сите професори по овој предмет во процесот на оптимизација, со цел конечно да се прекине 17-годишната социјална несигурност.
Се надеваме дека кај Вас и во институцијата со која раководите ќе преовладаат државничкиот капацитет, визијата и одговорноста пред идните генерации и пред даденото ветување кон сопствениот народ.“
Фото/МОН














