Закана за националната безбедност е причината зошто бугарските власти на македонскиот адвокат Тони Менкиноски му изрекле забрана за влез во Бугарија до 2036 година. Тој бил задржан на граница на 6. март, по што му биле доставени документи и му бил ставен „црн печат“ во пасошот.
„Прогласувањето на адвокат за закана за националната безбедност затоа што ги брани човековите права претставува опасен преседан за Европа,“ изјави Менкиноски на прес-конференција.
Тој оцени дека одлуката е директно поврзана со неговата работа како правен застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и дека со ваквата мерка се врши заплашување на адвокати и мешање во независноста на адвокатската професија.
Менкиноски посочи дека забраната доаѓа во момент кога пред Комитетот на министри на Советот на Европа повторно се разгледува прашањето за неспроведувањето на пресудите поврзани со ОМО Илинден Пирин.
„Наместо да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права, Бугарија презема мерка која може да се толкува како притисок врз адвокат кој ги користи европските и меѓународните механизми за заштита на човековите права,“ рече тој.
Адвокатот најави дека ќе ги искористи сите достапни правни и институционални механизми за да ја оспори мерката.
„Ниту една забрана нема да нè спречи да продолжиме да ги браниме човековите права на Македонците и на сите граѓани кои ја бараат правдата пред релевантните европски и меѓународни институции за заштита на човековите права. Добив забрана не како адвокат, туку како Македонец.
Никогаш нема да се предадеме во остварувањето на нашите основни човекови права. Ова е голем срам не само за Бугарија, туку и за ЕУ и за НАТО. Ова е израз на немоќ, што ја покажа вистинската слика на бугарскиот шовинизам,“ рече тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Фејсбук/Менкиноски














