Дајмонд Мол освои две европски награди на Unicorn Awards 2026, едно од водечките европски натпреварувања во индустријата за настани и маркетинг, кое на 7 и 8 септември се одржа во Љубљана, Словенија. Проектот на Дајмонд Мол „Две години сјај – на хуманоста и нема крај“ ја освои првата награда од жирито за најдобар проект во категоријата „Проекти од општествена одговорност“, како и специјалната награда од жирито и публиката.
Ова се првите европски признанија за проектот, кој претходно ја освои и BEAM наградата за најдобар хуманитарен настан во Македонија за 2025 година, со што неговата вредност и општествено влијание сега добиваат потврда и на меѓународно ниво.
Наградениот проект беше реализиран по повод вториот роденден на Дајмонд Мол, во партнерство со ЈП „Лајка“, при што во текот на една недела роденденската прослава беше претворена во заедничка хуманитарна мисија посветена на бездомните животни. Програмата опфати донаторска зона, саем за храна за миленици, бесплатни ветеринарни консултации, ѕид за вдомување, средби со кучиња од прифатилиштето, детски работилници и хуманитарен концерт на кој влезница беше донација на храна за кучиња.
Во рамките на иницијативата беа собрани 600 килограми храна за кучиња, беа вдомени повеќе од 10 кучиња, а 10 куќички изработени и насликани за време на детските работилници беа донирани на ЈП „Лајка“. Активностите остварија повеќе од 1,2 милиони прегледи на социјалните мрежи, имаа досег до речиси 600.000 луѓе и поттикнаа поширок јавен интерес за вдомување и одговорна грижа за животните.
„Овие две награди за нас се многу повеќе од меѓународно признание. Тие се потврда дека проектите кои произлегуваат од искрена желба да се направи нешто добро за заедницата можат да бидат препознаени и меѓу најдобрите европски практики. Особено сме горди што, покрај признанието од стручното жири ја добивме и поддршката од публиката, бидејќи токму луѓето и заедницата се суштината на оваа иницијатива“, изјави Селин Анил Октај, Директор за управување со имот на Лимак Скопје.
Значењето на освоените награди е уште поголемо ако се има предвид силната меѓународна конкуренцијата. Имено, на годинашното јубилејно 15. издание на Unicorn Awards беа пријавени 131 проект од 24 земји, меѓу кои Германија, Норвешка, Италија, Австрија, Португалија, Шведска, Грција, Полска, Унгарија и Словенија. Од пријавените проекти, 105 се пласираа во финалето. Во конкуренцијата беа проекти поврзани со големи светски компании, брендови и меѓународни настани, меѓу кои Ferrari, Coca-Cola, Nespresso, Ikea, Sephora, DM…. како и проекти од рангот на завршната церемонија на Зимските олимписки игри Milano Cortina 2026. Во финалето се пласираа и проекти на дел од водечките европски агенции за маркетинг и организација на настани.
Двете награди претставуваат признание за креативноста, успешната реализација и, пред сè, за мерливото општествено влијание на проектот. Тие се признание и за тимот и партнерите вклучени во неговата реализација, но и дополнителен поттик Дајмонд Мол да продолжи да го развива својот концепт на современ лајф-центар што ги поврзува луѓето и создава позитивни промени во заедницата.














