Во време на динамични економски промени и сè поизразена потреба од финансиска сигурност, резултатите на Триглав Осигурување Живот АД Скопје не се само бројки, тие се показател за визија, стабилност и стратешко лидерство. Под водство на Главниот извршен директор Христина Џамбазовска Анастасов, компанијата ја зацврсти својата позиција како убедлив лидер на пазарот, истовремено поставувајќи нови стандарди во корисничкото искуство, дигитализацијата и развојот на иновативни производи. Во ова интервју разговараме за резултатите што ја одбележаа изминатата година, за клучните предизвици и можности пред индустријата, но и за вредностите што стојат зад секој успех.
Како Триглав осигурување живот АД ја заврши минатата година, дали како компанија го остваривте она што го поставивте за цел или сепак резултати ќе се видат за неколку години, според насоките во Стратегијата 2025-2030?
– 2025 година ја завршивме како стабилна, фокусирана и силна компанија. Ги реализиравме најважните приоритети што си ги поставивме, од јакнење на пазарната позиција, преку подобрување на корисничкото искуство, до внатрешно унапредување на процесите и на тимската организација.
Дел од целите беа амбициозни и тоа нѐ прави уште повеќе горди на постигнатото. Компанијата е најзначајниот генератор на растот на пазарот на осигурување на живот што се гледа преку фактот дека генерираме 41% од новата премија. Во 2025 година издадовме повеќе од 7.300 осигурителни полиси, со што планираната премија ја зголемивме за 13%, а ја реализиравме и планираната добивка. Овие успеси се одраз и на силата на целата Групација Триглав, која ја заврши 2025 година со добивка пред оданочување од 174 милиони евра.
Со тоа поставивме силна основа за иден раст. Резултатите што ќе се видат во следните години ќе бидат директен производ на одлуките, инвестициите и посветеноста и секако на силниот тим на Триглав Осигурување Живот АД Скопје, кој амбициозно и со големи предизвици и планови го очекува периодот што следува.
Кој сегмент го оценувате за одличен, а во кој остануваат предизвиците и за оваа година?
– Како одлични би ги издвоила продажните резултати, тимската енергија, грижата за клиентите и иновациите во дигитална технологија. Имаме мотивиран тим кој верува во тоа што го нуди и тоа се чувствува во секој контакт со клиентите. Особено сме горди на квалитетот на услугата и на начинот на кој ги градиме долгорочните односи. Сигурноста што им ја нудиме на клиентите и довербата што ја добиваме од нив се најсилниот показател дека сме на вистинскиот пат.
Кога граѓаните купуваат полиса за осигурување живот тие сакаат да бидат сигурни дека некој однапред размислил за моментите кога нивната сила, нивниот приход или нивната способност да се грижат за семејството би можело да бидат ставени на тест. Мисијата на нашиот тим е тие да ја почувствуваат вредноста што ја добиваат од нашите производи секој ден, а не само на денот кога најмногу им треба.
Предизвик останува општата финансиска писменост и перцепцијата за животното осигурување како неопходност и инвестиција, а не како трошок. Тоа е процес што бара време, континуирана едукација и заеднички напор на целиот пазар.
Дали како компанија ја следите промената на потребите на клиентите и следствено на тоа пласирате нови продукти?
– Клиентите денес се поинформирани, побрзи и очекуваат решенија што се прилагодени на нивниот животен стил. Токму затоа, активно ги следиме нивните навики, прашања и потреби. Ние веруваме дека клиентите заслужуваат транспарентност, едноставност и поддршка која прави вистинска разлика. Затоа нашите клиенти имаат привилегија да користат продукти кои нудат инвестициски потенцијал, животна поддршка за нивните деца и финансиска безгрижност за целото семејство.
А, новите продукти што ги развиваме се уште пофлексибилни и попрактични. Последниот уникатен продукт што го понудивме, на пример, им овозможува инвестициско осигурување на живот со различни осигурени суми за корисниците на кредитот, и тоа е нов и единствен од ваков вид производ на македонскиот пазар. Со овој производ осигуреникот добива не само целосна заштита на неговото семејство, туку и можност за создавање дополнителна вредност преку инвестирање.
Особено сме горди на современата дигитална алатка Triglav Card, која само што ја лансиравме и со која ја надградуваме програмата за лојалност, односно на клиентите им овозможуваме брз, безбеден и едноставен пристап до сите бенефиции што им ги нуди осигурувањето живот. Triglav Card ќе го унапреди корисничкото искуство затоа што клиентите на Триглав Осигурување Живот ќе можат преку интуитивна и модерна дигитална платформа да управуваат со сите поволности што им ги овозможуваме.
Како компанија со најголем број банкарски партнери на пазарот, банкоосигурувањето претставува еден од нашите клучни стратешки приоритети. Ќе продолжиме да инвестираме во развојот на овој канал и да ги продлабочуваме партнерствата со банките, со цел да им овозможиме на клиентите полесен и побрз пристап до решенија за животно осигурување. Веруваме дека токму преку ваквите интегрирани услуги можеме да создадеме уште поголема вредност и сигурност за нашите клиенти..
Колку е важен know-how од матичните компании имајќи предвид дека пазарот со осигурување во Словенија е многу повеќе развиен? И дали тоа пренесување на знаење е двонасочно, односно има продукти кои по пласманот овде ќе се пласираат и надвор?
-Секако дека во нашата мисија дополнителна сила црпиме и од тоа што сме дел од големиот регионален бренд Триглав осигурување, кој е извор на престиж, но и на know-how и на оперативен капитал во многу поширока смисла.
Припадноста на овој бренд, соработката на ниво на групација и посветеноста на целиот тим ни носи пошироко искуство, повеќе пазари од кои имаме што да научиме, проверени методологии во различни средини и ресурси што ни овозможуваат да иновираме дури и кога конкурентите се повнимателни. Сето ова ни дава привилегија да воведуваме производи кои денес се новитет, а утре ќе станат стандард.
Оваа соработка и синергија секогаш се двонасочни или повеќенасочни. Истовремено, локалниот контекст секако е специфичен во некои сегменти и често бара адаптација. Тука доаѓа до израз знаењето и искуството на нашиот локален тим. Со задоволство можам да кажам дека дел од решенијата развиени од тимот на Триглав осигурување Живот веќе се препознаени како добри практики и надвор од Македонија.

Како прв човек на Триглав Осигурување Живот и како жена менаџер секогаш имате инспиративни говори и пораки, во кои често истакнувате дека најголема вредност на секоја компанија се луѓето. Колку се вложува во нив и во создавање на една корпоративна култура, која ќе ги задржи да работат во Триглав осигурување живот?
– Луѓето не се само дел од Триглав осигурување Живот, тие се всушност самата компанија. Зад секоја бројка, секој договор и секој остварен резултат стои тим од посветени професионалци кои секојдневно ја носат компанијата напред. Нашиот успех не е случаен, туку е резултат на заедничка работа, меѓусебна доверба и чувство на припадност.
Затоа, вложуваме во професионалниот развој на нашите вработени, обезбедуваме можности за напредување и сакаме тие лично да се чувствуваат сигурни, вреднувани и поддржани. Корпоративната култура што ја градиме се темели на почит, отворена комуникација и тимска солидарност. Негуваме средина во која луѓето со задоволство доаѓаат на работа, се чувствуваат прифатено и мотивирано и успехот се слави заедно.
Нашата цел не е само да ги задржиме луѓето, туку да растеме заедно со нив. Кога тимот е силен, стабилен и инспириран, тогаш и компанијата има јасна иднина.
До себе имам силен менаџмент тим и особено ми значи нивната силна поддршка, заедно со години градиме заедничка визија и резултати. Нашата соработка не е само професионална, туку и партнерска – базирана на доверба, отворена комуникација и заемно почитување. Токму таа долгорочна поврзаност и стабилност ми даваат дополнителна сила и мотивација во секојдневното работење.
Горда сум на сите вработени на Триглав осигурување Живот и верувам дека токму тие се нашата најголема конкурентска предност и најсигурната инвестиција за годините што доаѓаат.
Како ја оценувате минатата година, како на личен така и на професионален план?
– Како динамична, поучна, мотивирачка и длабоко исполнувачка, како на личен така и на професионален план. И 2025 ме потсети колку се важни семејството, здравјето и моментите што ги споделуваме со најблиските. Тие се изворот на стабилност, мир и енергија, од која црпам сила за сите професионални предизвици и одлуки.
Професионално, ја доживувам како период на раст, одговорност и вистинско задоволство. Работевме многу, носевме важни одлуки и заедно со тимот постигнавме резултати на кои искрено сум горда.
Епилог на тоа е и наградата Ultimate Grand Winner за тимот на Триглав Осигурување Живот АД Скопје, доделена на Triglav Brand Awards 2025 настан организиран на ниво на целата Групација,со цел да ги препознае и награди најиновативните и најоригинални проекти реализирани од друштвата во рамки на Групацијата. Оваа награда претставува исклучително признание што ја потврдува вредноста на она што го создаваме како тим. Зад овој успех стојат луѓе со посветеност, професионалност и силен заеднички дух. Токму таа енергија нѐ прави горди на постигнатото, благодарни за довербата од нашите клиенти и партнери, и постојано инспирирани да поставуваме нови стандарди.
Всушност, она што ја прави посебна 2025 година е чувството на гордост поради луѓето со кои работам, вредностите што ги живееме како компанија и поради довербата што ни ја даваат клиентите. Кога на крајот од годината можете да погледнете назад со благодарност, мир и оптимизам, тогаш знаете дека сте на вистинскиот пат, и како човек и како лидер.
Кои се предизвиците кои остануваат за оваа година, кои што не зависат само од вас како компанија, туку и од регулативата како и соработката со сите чинители на осигурителниот пазар?
– Нашата мисија останува да градиме раст преку доверба со цел нашите клиенти да добијат вредност и кога животот оди добро, а не само кога се случува нешто лошо. А, неизвесноста и предизвиците постојано ќе бидат дел од секојдневието бидејќи тие сепак се дел од животот.
Ќе продолжат да постојат и предизвиците поврзани со нова регулативата и со пазарот затоа што осигурувањето на живот станува сѐ позначаен, динамичен и развоен сегмент во целокупниот економски амбиент во државата. Ние како компанија веруваме во дијалогот, партнерството и во заедничката одговорност на сите чинители.
Во 2026 година како компанија влеговме мотивирани, амбициозни и цврсто посветени на клиентите, тимот и на долгорочниот развој. Резултатите во првите месеци од годината ни докажуваат дека сме на вистинскиот пат.
А, во односите со регулаторите, институциите и со останатите учесници на пазарот остануваме посветени на давањето значаен придонес за создавање стабилна, предвидлива и фер средина, која ќе им користи, пред сè, на клиентите.













