Над 2 милиони евра завршиле за политичко рекламирање, спорни тендери, организациски слабости: Ревизија утврди куп неправилности во работењето на ДИК

Во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењто на Државната изборна комисија (ДИК) за 2024 година се утврдени низа неправилности, а меѓу друго за ДИК е изразено и неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива.

Според ДЗР, извештаите не ја прикажуваат објективно финансиската состојба, а дел од активностите не се спроведени согласно прописите.

Извештајот констатира системски слабости во управувањето со средствата и организацијата на изборните процеси, а во него се посочува и дека пописот на имотот и обврските не е спроведен согласно законските правила, што според ДЗР, директно влијае врз точноста на финансиските податоци.

Во него стои и дека дел од недвижностите со кои располага ДИК воопшто не биле проценети, па не се ниту евидентирани во сметководствените книги.

Според ДЗР и планирањето на буџетските средства за изборите не било во согласност со законски утврдениот сооднос. Наместо пропишаната распределба, според Ревизија, значителен дел од средствата биле пренасочени, при што дури над 129 милиони денари (над 2 милиони евра) биле прелеани кон трошоци за политичко рекламирање.

Ревизија утврдила и дека извештаите за трошоците во повеќе случаи биле некомплетни, без основни документи како фискални сметки, патни налози или записници.

ДЗР констатирала и дека се набавувале стоки и услуги без да се спроведе законска постапка, како и недоследна примена на Законот за јавни набавки, а посебно е посочена и спорната набавка на софтвер за обработка на изборни резултати, каде што условите не биле јасно дефинирани, а договорот бил потпишан пред да се обезбеди банкарска гаранција.

Од ДЗР укажуваат и на организациски слабости во ДИК, како и на нерешеното прашање со складирањето на изборниот материјал.

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести