Во Владата денеска беа потпишани договори за национално кофинансирање на грантови за 40 проекти кои ќе се реализираат преку ИПА-програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција. Нивната вкупна вредност е 15 милиони евра – 85 проценти се обезбедени од Европската Унија, а 15 проценти или 2,4 милиони евра се од државниот буџет, преку Министерството за локална самоуправа.
На потпишувањето на договорите со претставниците на институциите што ги добија, министерот Сухејл Фазлиу рече дека 40-те проекти се одобрени на првиот јавен повик откако успешно го поминале процесот на оценување. Оценувачите биле од Управувачкиот орган во Грција, Заедничкиот секретаријат на ИПА-програмата и од Министерството за локална самоуправа.
Соопшти дека вкупиот буџет за оваа Програма до 2020 година е 45,5 милиони евра. Од нив, 85 проценти се од ЕУ, а 15 отсто кофинансирање од буџетот на државата.
– Државата им помага и ги охрабрува потенцијалните апликанти, како што се општините, граѓански организации, училишта, универзитети, градинки, болници, асоцијации и други непрофитни субјекти да подготват проекти, да влезат во конкуренција и да обезбедат средства од Европската Унија. Сите што ќе добијат средства за финансирање проекти си помагаат себеси и на локалната заедница. Во исто време, се реализираат приоритетни прашања без да се трошат средства од општинските буџети, истакна Фазлиу.
Во имплементацијата на проектите од ИПА-програмата меѓу Македонија и Грција, рече, вклучени се над 80 партнери, а корисници на придобивките се граѓаните од четири плански региони во Македонија и од пет региони во Грција.
Министерот за здравство Венко Филипче го презентираше проектот за кој потпиша договор – Унифициран информатички систем за размена на информации меѓу единиците во примарната здравствена заштита во меѓуграничниот регион. Истакна дека тоа е прв договор кој Министерството за здравство го склучува со партнерска институција од Грција за реализација на проект фиансниран од ИПА-Програмата на ЕУ.
– Вкупниот буџет на овој проект е 480.463 евра и е со времетраење од две години. Министерството за здравство заедно со Општата болница во Гевгелија и Клиничката болница од Битола партнерски ќе соработуваат со грчката Национална организација за обезбедубање здравствени услуги, Технолошко-едукативниот институт „Александар“ – Одделот за гинекологија и акушерство и Општата болница „Пела“. Во рамки на овој проект се предвидени едукативни програми за докторите кои ќе работат на скриниг на дојка во Гевгелија и Битола, како и набавка на ултразвук за ехо наманет за Општата болница во Гевгелија и мамограф за Клиничката болница во Битола – рече Филипче и очекува дека со проектот ќе се подобри здравствениот систем во пограничниот регион.
Меѓу институциите кои денеска потпишаа договори се и Општина Гевгелија, Центарот за управување со кризи, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Царинската управа… Со доделените грантови ќе се обезбеди енергетска ефиканост во училиште во Валандово и во градинка во Радовиш, во Ново Село ќе се подобри здравствената грижа и социјалните услуги за возрасните лица, опфатени се повеќе од 50 бизниси со вино, како и техничка подддршка и управување со хуманитарни кризи и природни катастрофи во прекуграничниот регион.
МИА