Државниот инспекторат за транспорт доби 18 возила од Европската унија, во вредност од 700.000 евра. Донацијата, денеска ја предаде евроамбсадорот Михалис Рокас на министерот за транспорт Александар Николоски.
„Државниот инспекторат за транспорт со ова добива комплетно нова димензија. Ако претходно луѓето кои работат во Инспекторатот се обидуваа колку што можат да ја покријат територијата на државата, по оваа донација ќе можат целосно да ја покријат и да бидат присутни буквално на секоја точка,“ изјави Николоски.
Тој додаде дека новите специјално опремени возила ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.
„Со овие 16 специјално опремени патнички возила, двете специјално опремени возила за следење и специјално адаптираното комбе кое ќе служи како контролен центар, инспекторатот ќе може целосно да ја заврши својата работа. Тоа значи повеќе безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор, но и подобра заштита на патиштата преку контрола на прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни материи и контролата на автобусите за да ги исполнуваат сите стандарди за превоз на патници,“ рече Николоски.
Според евроамбасадорот Рокас, денешната донација е најдобар доказ за тоа како се користат грантовите од Европската унија и доказ дека ЕУ и помага на држвава да се подготви за членство во Европската унија.
„Со ова, Европската Унија покажува како најдобро се користат грантовите на Европската Унија, а истовремено денешнава испорака е уште еден доказ дека Унијата со овие возила и помага на земјата подобро да се подготви за членството во Европската Унија,“ изјави Рокас.
Со помош на Европската унија и грант од околу 13 милиони евра од механизмот за поддршка на Европската унија веќе се работи и на инсталирање на интелигентни транспортни системи на Коридорот 10 по што во следниот период ќе треба да се продолжи и на Коридорот 8.
Фото/Министерство за транспорт














