Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) поведе постапки против 234 советници во општините, кои не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси во предвидениот рок, што претставува прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Во оваа бројка не се вклучени советниците од Општина Куманово, за кои претходно било утврдено непочитување на обврската и за кои веќе се изречени соодветни прекршочни налози, информираа од ДКСК.
Станува збор советници од вкупно 61 општина.
За лицата кои нема да го платат изречениот прекршочен налог во рок од осум дена, ќе бидат иницирани прекршочни постапки пред надлежната комисија за прекршоци.














