Лекови набавувани без да се знае цената, екстра хонорари, ангажирани лица без дозвола од Финансии: Што констатирал ДРЗ во работењто на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија

Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска го објави Конечниот ревизорски извештај за работењето на Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија, за 2024 година, информираа од таму.

Истиот регистрира бројни слабости во работењето, пред се во менаџирањето со залихите, јавните набавки, сметководството, како и оптоварувањето на кадарот поради големиот број итни прегледи.

Ревизорите констатирале дека на Клиниката не е воспоставено и ажурно и навремено евидентирање на потрошувачката на лекови и медицински материјали во сметководствената и материјалната евиденција.

Од ДЗР констатирале дека дел од медицинските материјали биле набавувани пред воопшто да се склучи официјален договор, со цел да се обезбеди непречено работење на установата.

Клиниката водела дневна евиденција кои материјали се издаваат по пациент, но тие податоци со месеци не биле внесувани во главната сметководствена евиденција, па на 31. декември 2024 година Клиниката еднократно евидентирала потрошок од дури 100.589.000 милиони денари.

-Ваквото книжење оневозможило тековно следење на движењето на државните средства во текот на годината, стои во извештајот, во кој се посочува и дека до август 2024 година, во услови на истечен договор за јавна набавка, Клиниката примала специфични медицински материјали за хируршки интервенции без воопшто да се знае нивната вредност.

-Материјалите биле испорачувани, а се книжеле дури откако подоцна ќе пристигнеле фактурите, стои во извештајот, што довело до неусогласеност и материјалната евиденција покажала за 15.492.000 милиони денари повисок потрошок од она што било запишано во листите по пациент.

Иако раководството се правдало дека ова се правело за да не запре работата на Клиниката, ДЗР нагласува дека со ваквото работење не се почитувал Законот за јавни набавки.

Со извештајот е утврдено и дека за набавка на медицински гасови биле потрошени 5.139.000 милиони денари преку Јавната установа за заеднички работи, но Клиниката наместо да плаќа за реално потрошени количини кислород, фактурирањето се вршело „по кислородно место“.

-Поради овој систем е невозможно е да се утврди точната состојба на залихите, што директно влијае врз точноста на официјалниот Биланс на состојба на установата, велат од таму.

Ревизорите исто така откриле и дека документите со кои се раздолжувале лековите и медицинските материјали по организациони единици и по пациент, не биле соодветно потпишани, ниту одобрени од одговорните лица, што е директна спротивност со член 12 од Законот за сметководство на буџетите, кој наложува дека секој внес во деловните книги мора да се заснова исклучиво врз веродостојни и уредни документи.

Исто така во рамките на Клиниката не била формирана болничка аптека, преку која законски мора да се врши целосното управување и контрола со залихите.

ДЗР нотира и несоодветна примена на Законот за јавните набавки во дел од спроведените постапки.

-Со ревизијата опфативме вкупно 16 постапки за јавни набавки кои имаат реализација во 2024 година, од кои 4 се спроведени во 2024 година, а останатите во претходните години, со што опфативме 93 отсто од вкупно преземените обврски кои подлежат на Законот за јавни набавки и утврдивме состојби кои упатуваат на недоследно применување на законските одредби, стои во извештајот.

ДЗР во извештајот лоцирал и прекршувања на Законот за работните односи (ЗРО) во делот на организирањето и исплатата на прекувремената работа на Клиниката.

За прекувремена работа на 75 вработени во Клиниката биле исплатени вкупно 5.112.000 милиони денари. Но, од ДЗР, утврдиле дека овие пари биле делени без соодветна контрола, со што се прекршени членот 117 (став 2 и став 6) од ЗРО, кои ја регулираат максималната должина на прекувремените часови и обврските на работодавачот.

Ревизијата нотира дека наместо прекувремената работа да се организира со однапред донесена писмена одлука од страна на директорот, таа се одобрувала за исплата на крајот од месецот, само врз основа на доставени листи од раководителите на одделите.

ДЗР констатирал нерегуларности и во делот на хонорарните ангажмани.

Според извештајот во текот на 2024 година, за договор на дело Клиниката ангажирала 24 лица – медицински кадар и помошно-технички персонал, за што од буџетот биле исплатени вкупно 5.441.000 милиони денари.

Според ДЗР, на дел од медицинскиот персонал ангажиран со договор на дело му биле исплатени вкупно 401 илјада денари повеќе од она што било првично договорено. Клиниката овие дополнителни пари ги пресметувала како проценти (додатоци) од Колективниот договор за здравствена дејност.

Според ревизорите тоа е незаконски, бидејќи Колективниот договор регулира права исклучиво за лица во редовен работен однос, а не за хонорарци.

Во периодот од јануари до март 2024 година, на платниот список на Клиниката се нашле и од 2 до 5 лица повеќе од бројот за кој институцијата воопшто имала добиено писмена согласност од Министерството за финансии.

Ревизија утврдила и дека постои разлика помеѓу пресметаната и реално наплатената партиципација за извршените здравствени услуги на осигурениците.

Во извештајот исто така е констатирано и дека две третини или 66% од прегледите на Клиниката биле итни, што според ДЗР е огромно отстапување од планираниот начин на користење на националниот систем „Мој термин“ и е големо оптеретување на Клиниката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести