По шестгодишна пауза, Формула 1 повторно се враќа во Истанбул, а во пресрет на Турскиот Гран при во 2027 година, градот го пречека Фелипе Маса, трикратниот победник и најуспешниот возач во историјата на трката.
Бразилскиот возач престојуваше во Истанбул во рамките на повеќедневна програма организирана од Турската агенција за промоција и развој на туризмот (TGA), при што повторно ја посети İstanbul Park, патеката на која ја оствари својата прва победа во Формула 1.
Турскиот Гран при е закажан за почетокот на октомври 2027 година, со тренинзи и квалификации во првите два дена, додека главната трка ќе се вози на 3 октомври. İstanbul Park ќе биде домаќин на Формула 1 по десетти пат, а според договорот трките на оваа патека ќе се одржуваат во периодот од 2027 до 2031 година.
Посетата на Маса доаѓа во период на силен интерес за враќањето на Формула 1 во Туркије и го поврзува новото поглавје со историјата што тој ја создаде на İstanbul Park. Бразилскиот возач трипати по ред триумфираше на Турскиот Гран при, во 2006, 2007 и 2008 година, и секоја од трите трки ја почна од првата стартна позиција.
Токму во Истанбул, во 2006 година, Маса ја оствари својата прва од вкупно 11 победи во Формула 1.„İstanbul Park отсекогаш бил посебно место за мене. Никогаш нема да го заборавам она што го доживеав таму во тие три години. Сега, повторно да бидам во Истанбул, пред враќањето на патеката во Формула 1, и по многу години повторно да се сретнам со навивачите, за мене е вистинска среќа“, изјави Маса за време на посетата.
Во рамките на престојот во Истанбул, Маса учествуваше во проекција на филмот за Формула 1 на отворено, се сретна и разговараше со навивачите и ја посети историската страна на градот, меѓу другото и Аја Софија, Сината џамија, Цистерната Базилика и Хиподромот. Програмата вклучуваше и ВИП-тура со брод по Босфор, додека следниот ден Маса повторно се врати на İstanbul Park за возачка сесија, ексклузивно интервју и средби со медиумите и навивачите.
Истанбул повторно ќе биде во центарот на светската автомобилска сцена, а враќањето на Формула 1 се очекува да придонесе и за дополнително зголемување на меѓународната видливост на градот, развојот на спортскиот туризам и туристичката промоција на Туркије. Патеката TOSFED İstanbul Park е долга 5,3 километри и е позната по својата техничка комплексност, големите висински промени и можностите за претекнување, а особено по осмиот свиок, со повеќе врвови, кој важи за една од најпредизвикувачките делници на патеката.
Враќањето на Формула 1 е проследено и со засилени меѓународни промотивни активности. Промотивниот филм „Catch It If You Can“, продуциран од TGA под координација на Министерството за култура и туризам, досега надмина 571 милион прегледи, а во периодот што следува промоцијата на Истанбул ќе продолжи преку меѓународни медиумски проекти, дигитални кампањи и соработки со меѓународни креатори на содржини.
Со враќањето на Формула 1 во 2027 година, Истанбул повторно ќе ги пречека најдобрите светски возачи и илјадници навивачи, но и ќе го оживее споменот на еден од најуспешните периоди во историјата на İstanbul Park. А тоа е периодот во кој Фелипе Маса три години по ред стоеше на највисокото место на подиумот.
















