Доломити е Reality VS Instagram. Ако на Инстаграм фотографиите вообичаено се поубави од оние во реалноста, на Доломити е обратно. Реалноста е многу поубава, од она што го прикажува секоја фотографија или видео објавени на која било социјална мрежа или медиум.
За тоа сведочи целиот регион кој се простира на 141.903 хектари чиј што хоризонт е пресечен со 18 врва повисоки од 3.000 мнм. За неверување се глетките на грандиозност, кои ви даваат чувство на ништожност.
Доломити се впишани во Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО. Имајќи ја предвид атрактивноста на врвовите и тоа што дел од карпите спаѓаат меѓу највисоките варовнички ѕидови во светот, тие се живо сведоштво на една геоморфологија.
Вистинска драма се одвива над нив, бидејќи се во постојана борба со облаците. Час ги сокриваат под превезот на мистичноста, час ги откриваат во нивната застрашувачка убавина. Постојана игра на две спротивставености, кои ем не се трпат, ем не можат еден без друг. Во нивната небесно висока „расправија“, лежи нивната убавина.Сонцето е само нем набљудувач, бидејќи на неприкосновен господар, не му треба борба.
Тре Чиме, господарите на Доломити
Таква игра помеѓу облаците и карпите, за прв пат видов на Tri Cime, (Три врва). Идентитетот на Доломити. Нивниот симбол! Да, такви карпи и врвови има многу, но тоа се тие тројца господари, кои владеат со регионот и им нема слични.
Тие се најфотографираните карпи кои ги има на секоја можна разгледница, или пак на која било најава за Доломити. Но на фотографиите личат на обични карпи. Само во живо може да се долови нивната уникатност, грандиозност, глетка која остава без зборови. Во секунди го менуваат описот, како расположение на жена во менопауза.









Но кога ќе ги растераат облаците од себе, покажувајќи им кој е кој, тоа е нешто неописливо. И веднаш знаете дека ви се смилувале, затоа што ви се откриле. До нив има планинарски дом, на височина од 2.450 метри, така што од таму, немо може да се набљудува таа игра, разбирлива само за нив.
Тргнувајќи од Мисурина, одејќи кон Трe Чиме, а потоа продолжувајќи до Cadi di Misurina може да се направи фина кружна тура која ќе се заокружи, со исто така фасцинантен поглед, од Инстаграм точка за оние кои не се плашат од височина. Но за оние кои не се подготвени за планинарење, од Мисурина има автобуси до домот Rifugio Fratelli Fonda Savio, од каде што потоа може да се продолжи и кон домот Rifugio A. Locatelli, до Тре Чиме.
Потрудете се за оваа тура, без неа, како да не сте биле на Доломити.









По оваа лабава тура од 20 и кусур километри следните два дена планинарите на Петрикор искачуваа два врва повиски од 3.000 метри. Убавината на Доломити се состои во тоа што има понуда за секого. Од лесни до тешки планинарски тури, искачувања до планинарски домови кои се наоѓаат во близина на врвови, користење на жичарници до одредени домови. Или, едноставно само возење низ сите тие предели.
Иако кривините од точка А до точка Б, може да бидат во вид на 8, во сето тоа има убавина и авантура, бидејќи и самиот пат е патување низ разгледница. Посебно би ги издвоила Passo Falzarerego, Passo Pordoi, Passo Tre Croci, Passo Gardena, Passo Valparola дел од овие делници многу добро познати по снимките од велосипедската трка Giro di Italia. И кога возевме по нив, имаше бројни велосипедисти, кои се спортскиот идентитет на Италија.
Тофана ди Розис (3.225 мнм) е прв врв кој го искачив над 3.000 метри надморска височина. Кога го видов каков е од страна на планинарскиот дом Rifugio Camillo Giusasan (најубавиот кој го посетивме) на 2.600 мнм, сакав да се откажам.
Но секогаш има луѓе, кои повеќе веруваат во тебе отколку самиот лично. Со нивна помош и со сопствената сила и верба, успеав да се искачам и да се поклонам на Крстот, како симбол на Христовото Воскресение, надежта, безусловната љубов, пожртвуваноста за најблиските и лекцијата дека „од Крстот не се симнуваш, те симнуваат“.
Измешани емоции, благодарност кон Бога и кон тие околу тебе кои ти помогнале, солзи радосници, чувства кои не се опишуваат.. Уште еден доказ дека пречките и границите се само во сопствената глава, се друго нема лимит.









За искачувањето на втората триилјадарка, врвот Piz Boe (3.152), одлучив да останам во домот на Rifugio Forcella Pordoi на 2.848 мнм. Иако врвот беше оддалечен само стотици метри, сепак избрав да се посунчам на дрвените кревети, кои нудат спектакуларни погледи кон самиот врв и долината Pordoi.
До мене имаше коза и едно свинче, да, свинче на 2,800 метри. Тие, заедно со бројните туристи беа моето друштво додека групата одеше кон врвот. Патеката до домот Rifugio Forcella Pordoi беше потешка од искачување на самиот врв, бидејќи се оди по вертикала Z низ сипар.









Доломити, се домот на Хајди
Од сите места кои до тогаш ги видов на Доломити, на Сечеда 2.500 мнм препознав дека таму живее Хајди, ликот од детската книга, преку кој ми се појави љубовта кон планината. Колку убаво беа опишани тие планински предели, преку кои за миг, низ детската фантазија се наоѓав таму. И можев да ги почувствувам мирисот на искосена трева, ладовината на планинската вода, спокојот во недогледот на зелените пасишта, острите врвови кои го сечат хоризонтот и помалку застрашуваат, вкусот на млекото од кравите и козите, пријателите на Хајди.
Вал Гардена, низ која се поминува за да се стигне до Сечеда, до тогаш ја знаев само по интермецо снимките од преносите во скијање на телевизија. Во зима е бајка, на лето е разгледница. Ниту една снимка не може да го долови чувството, како е да чекорите по некоја нереална филмска фотографија, но се околу вас е реалност.









Совршено искосена трева на планинските падини која се разлева како брановидна коса на убава девојка, градби кои се вклопуваат во природниот амбиент, крави како од рекламите за Милка, погледи кои ви го запираат дишењето. А што да се каже, за погледот од врвот Сечеда 2.500 метри, кога сета таа хармонија на бои беше прошарана со летови на параглајдери, кoи од една птичја перспектива ја восприемаа сета убавина.
На врвот, во домот Rifugio Ferneda Hutte, храната е на ниво во ресторан со мишелин ѕвезда. Го служат најубавото тирамису на свет.
Планинарските домови во Италија пак, се посебна приказна. Иако се изградени на над 2.000 мнм, функционираат како да се на релативно достапни предели. Главно, за се што им треба, се снабдуваат преку транспорт со помош на хеликоптери, кои многу почесто летаат, отколку автобусите што возат во Скопје. Од избор на храна до совршено уредени екстериер и ентерир, во кои е внимавано на секој можен детаљ, кој пак се вклопува во планинскиот амбиент, и раскажува дел од таа планинска приказна.
Езера кои задолжително треба да се посетат
Освен огромните карпести предели и зелените ливади во недоглед, езерата се дел од визуелниот идентитет на Доломити и се на листата на задолжителни места за посета. Најголемиот дел од нив се лесно достапни, освен Lago di Sorapis до кое има пешачење од околу два часа. Но вреди, бидејќи пределот до него е живописен, има прекрасен дом Rifugio Alfonso Vandeli од каде што Мисурина се гледа на дланка во недогледна далечина, a хоризонтот е исполнет со карпестиот планински масив.



Бојата на езерото не може да се опише, од светол до потемен тиркиз во зависност од светлината на сончевите зраци. Опкружен со масивни карпи со остри врвови, чиниш го штитат од некој невидлив непријател, покажувајќи на секој посетител кој е господар со местото. Препорачливо е да тргнете што порано, за да може да најдете место за паркирање на Passo Tre Croci, но и за да го избегнете огромниот број на туристи како и жештината.
Lago di Braisе е едно од оние езера кои исто така вреди да се посети. Околу езерото има патека во должина од 6 километри на која има прекрасни места за фотографирање. Водата е во 50 нијанси сино, во зависност од играта на светлината и облаците, рефлексијата на околните планини. Во непосредна близина се наоѓа живописното село San Vito, а доколку доаѓате од Мисурина, по пат ќе видите и уште две други езера Lago di Dobbiaco и Lago di Landro Durrensee.






Поглед од шатор
Планинарите на Петрикор бевме сместени во кампот Alla Baita, кое беше одлично стратешко место за сите појдовни тури што ги имавме. Точка од која што лесно се стигнуваше до убавицата Кортина д’Aмпецо, малото слатко гратче Auronzo, езерата…. А токму едно од најубавите езера на Доломити, Мисурина пак ни беше на 5 минути.


Околу него има преубава патека, која пружа неверојатни глетки на околните масивни планини, опкружено со хотели, ресторани, продавници кои сведочат дека е едно од најпосетуваните места и за кое се бара легло повеќе, во зависност од тоа, кој што преферира.
Шаторот пак, е сосема природен избор во таков амбиент. Престојот во него е целосна слеаност со природата и додека се спие.
Дождот и птиците се најгласни, ѕвездите и месечината светат најблиску, врвовите се на дофат.
Од таа перспектива едно нешто совршено се разбиструва. Сфаќате дека постои светот, и постојат Доломити.















