Во Анкара, Турција, денеска почнува Самитот на НАТО, кој ќе трае два дена.
Македонската делегација ја предводи претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а во истата се и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на генералштабот на македонската Армија.
Сиљановска Давкова утре ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што ќе се одржи во претседателскиот комплекс „Бештепе“, а како што најавија од нејзиниот Кабинет таа ќе има и билатерални средби.
На Самитот ќе бидат и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни…, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Покрај 32 шефови на држави и влади, ќе бидат присутни и околу 100 министри, високи дипломати, претставници на меѓународни организации…
Главниот фокус на Самитот ќе биде спроведувањето на одлуката на НАТО за зголемување на инвестициите во одбраната, на зајакнување на капацитетите за одвраќање и одбрана и на идните стратегиски цели на Алијансата.
Фото: Влада














