Комерцијална банка со намалена добивка за 5,5% во првото полугодие

Комерцијална банка АД Скопје во првите шест месеци од годинава остварила добивка од 2.798,2 милиони денари, соопшти Банката преку Македонската берза.

Лани во истиот период имала добивка од 2.960,1 милион денари, што претставува намалување за 5,5%.

-И покрај ваквото намалување, сепак планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 110,9%.

Позитивниот финансиски резултат е остварен во услови на зголемени ризици од надворешното окружување и продолжена неизвесност на глобалните пазари, велат од таму.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 6,1% пониска во однос на истиот период минатата година, посочуваат од таму.

-Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува намалените останати приходи од дејноста, како и помал износ на реализирани нето позитивни курсни разлики, велат од таму.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.336,2 милиони денари и бележат намалување од 3,3% во однос на истиот период минатата година.

-Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 2,4% во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 103,5%.

Приходите по основ на камата бележат зголемување за 3,4 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголемените пласмани во државни хартии од вредност.

Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и од нефинансиските друштва како резултат на зголемено кредитирање, велат од таму.

Расходите по основ на камата бележат зголемување од 10,2% поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година.

-Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,63% на крајот од вториот квартал од минатата година, на 3,45% на 30.06.2026 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2026 година изнесуваат 661,5 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 6,6% како резултат на зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата. Планот за анализираниот период е остварен со 110,2%.

Нето-приходите од курсни разлики на 30.06.2026 година изнесуваат 198,8 милиони денари и бележат намалување од 8,4% во однос на истиот период минатата година, додека Планот за анализираниот период е остварен со 109,2%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2026 година изнесуваат 407,4 милиони денари и бележат намалување од 38,6% во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради намален износ на реализирана капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 81,9%, велат од таму.

Оперативните расходи за периодот изнесуваат 1.256,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 4,4%, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен
со 84,3%, посочуваат од таму.

-Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.06.2026 година изнесува 281,3 милиони денари и бележи намалување од 10,9% во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 315,5 милиони денари. Планот е остварен со 92,7%, велат од таму.

Вкупната актива на Банката на 30.06.2026 година достигнала 197.211,2 милиони денари и во однос на декември 2025 година бележи зголемување од 2,4%.

-Зголемувањето во најголем обем се должи на зголемените кредити на комитенти, зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити на и побарувања од банки. Планот е остварен со 99,9%, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Комерцијална банка продаде 558 сопствени акции по пат на јавна понуда

Комерцијална банка ќе дели дивиденда од 1.350 денари за акција

Комерцијална банка лани со зголемена добивка

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести