Кога се спојуваат бизнисот и уживањето: Туркије во подем како глобална дестинација за деловни средби, конференции и настани

Новите туристички модели стануваат сѐ попопуларни, а во последниов период е особено во подем MICE туризмот, специјализирана форма на деловен туризам што ги обединува професионалните настани, конференциите, корпоративните средби, како и наградните патувања за вработени и партнери, со туристички и луксузни искуства.

Туркије, пак, продолжува да се издвојува како една од најатрактивните MICE дестинации во светот, обезбедувајќи им на ваквиот тип туристи програми креирани според нивните индивидуални потреби, беспрекорна меѓународна поврзаност, премиум сместувачки капацитети, како и најсовремени простори за настани.

Во 2025 година земјата дополнително ја зацврсти оваа позиција со организација на серија престижни меѓународни самити, а годинава Туркије ќе биде домаќин на два самити од глобално значење, Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени што ќе се одржи во Анталија од 9 до 20. ноември, како и Самитот на НАТО, закажан за 7 и 8. јули во Анкара, на кои ќе учествуваат високи претставници и носители на политики од целиот свет.

Туркије, исто така, продолжува да ги претставува своите предности пред широка мрежа професионалци од индустријата, со силно присуство на водечките светски платформи, меѓу кои IBTM Барселона, IMEX Франкфурт и IMEX Лас Вегас.

Земјата активно соработува и со водечките организации во оваа област, како што се Меѓународната асоцијација за конгреси и конвенции и Меѓународната асоцијација на професионални организатори на конгреси, партнерства преку кои ја зајакнува својата глобална препознатливост, воспоставува нови соработки, но и привлекува престижни меѓународни конгреси.

Според податоците на Меѓународната асоцијација за конгреси и конвенции за 2025 година, во поглед на бројот на меѓународни конгреси, Туркије бележи раст за 16% во споредба со 2024 година, додека Истанбул, една од водечките MICE дестинации во светот, раст од 10%. Градот е меѓу најдобро поврзаните, со два меѓународни аеродроми, со стотици директни летови, успевајќи да комбинира врвни конгресни центри со историски знаменитости и богата културна понуда.

Конгресите во Истанбул, покрај состаноци во конференциски сали, се збогатени и со посети на локалитети под заштита на УНЕСКО, музеи, ресторани препорачани од водичот MICHELIN, динамичен ноќен живот, луксузен шопинг и врвни патувања, како што се приватни крстарења со јахти и ексклузивни гала-настани. Годинава Истанбул ќе биде домаќин на два големи медицински конгреси, од кои едниот ќе се одржи по вторпат. Закажани за јуни и септември, овие два настани се очекува да донесат околу 13.500 учесници.

Инфраструктурата за организација на големи настани и високото ниво на угостителската понуда на Истанбул овозможува градот да биде домаќин на повеќе големи настани во краток временски период, истовремено пречекувајќи стотици илјади меѓународни посетители.

Па така, на 30. мај, во Истанбул се одржаа два стадионски концерти: отворањето на европската турнеја на Канје Вест на Олимпискиот стадион „Ататурк“ и спектакуларниот настап на легендарниот тенор Андреа Бочели на стадионот „Бешикташ Парк“, кои привлекоа повеќе од 140.000 љубители на уметноста во една ноќ.

По оваа историска музичка вечер, градот ќе биде домаќин на богат календар на меѓународни настани, вклучувајќи настапи на Scorpions, Pet Shop Boys, Megadeth, Alice Cooper, Tom Odell и Manowar во јуни; Gorillaz и Ricky Martin во јули; како и Black Coffee, LP и The Black Keys во септември.

Анталија се смета како туристички главен град на Туркије и една од нејзините водечки MICE дестинации. Градот нуди исклучителен конгресен екосистем со повеќе од 300 хотели со пет ѕвезди, над 175.000 конгресни седишта и докажано искуство во организација на престижни меѓународни настани, како што беше Самитот G20. Анталија ги комбинира најсовремените капацитети за состаноци со познатите медитерански плажи, крајбрежје со сино знаме, шампионски голф терени и наградувани спа-центри.

И многу други градови низ земјата нудат исклучителни можности за овој туризам.

Бодрум се издвојува како луксузна дестинација за наградни патувања, со ексклузивни ресорти, ресторани препорачани од водичот MICHELIN, плажи со Сино знаме, но и крстарења.

Измир се позиционира како деловен и модерен урбан центар во Егејскиот регион, комбинирајќи висок квалитет на живот, модерни капацитети, УНЕСКО локалитети, и прочуени гастрономски и вински рути.

Кападокија, пак, со своите надреални пејзажи, пештерски хотели, летови со балони на топол воздух и богатата историја, создава незаборавна атмосфера за ексклузивни состаноци и корпоративни собири.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести