Кои брендови на млечни производи, добија забрана за продажба на Косово?

Контролите на надлежните институции во Косово, утврдија неправилности кај дел од млечните приозводи, но карактеристочно е тоа што зад повеќе различни брендови стои ист оператор и ист производствен објект. Оттука има разлика меѓу компанијата Abrazen, млекарницата Vita и производите што на пазарот се продаваат под различни трговски марки.

Четири анализирани примероци од производи што се продавале како млеко биле оценети како неусогласени, односно кај два од нив било утврдено присуство на палмино масло, а кај два недекларирано млеко во прав.

Во подеталните информации за контролите биле посочени My Cow 3,2%, My Cow UHT 3,2% и Land UHT 3,2% како производи кај кои било утврдено присуство на растителна маст. Кај Garden Milk од еден литар било наведено и присуство на недекларирано млеко во прав.

Мерките, сепак, не застанале само на овие производи.

На листата за повлекување се нашле 12 производи, меѓу кои различни пакувања Schmand 18%, Holla Dessert, Holla Barista, Holla Cooking Cream, Garden Milk, My Cow, Land, крем-сирење и бело сирење.

Истовремено, ова не значи дека секој производ што се продава под брендовите Vita, My Cow, Land или Holla автоматски е спорен, мерките на косовските институции се однесуваат на конкретно идентификувани производи.

Дополнително, косовската Агенција за храна и ветеринарство утврдила дека операторот произведувал и 26 производи со растителна содржина надвор од одобрениот опфат на својата дејност. Поради тоа било наложено запирање на таквото производство до добивање на соодветно одобрение, а биле предвидени и засилен надзор и дополнителни проверки.

Според информациите на косовското Министерство за земјоделство, во периодот од 2019 до 2026 година биле увезени околу 3,45 милиони килограми концентрирано млеко во прав и околу 1,25 милиони килограми сурутка во прав, додека за 2025 година се наведуваат 980.880 килограми палмино масло.

Овие количини сами по себе не се доказ дека суровините биле недозволено или недекларирано употребени во секој производ. За тоа се потребни проверка на производствената документација, декларациите, конкретните серии и лабораториските резултати, работа што останува во надлежност на институциите.

Од Vita, пак, реагираа дека анализите на млекото што директно се продава под нивниот бренд не покажале присуство на палмино масло. Косовските власти посочуваат дека дел од утврдените неправилности се однесуваат на други брендови и производи од истиот оператор. Затоа, случајот не треба да се поедноставува со заклучок дека секој производ поврзан со Vita е спорен.

Најдобар начин за потрошувачот да се заштити е да се погледне декларацијата, земјата на потекло и производителот.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести