Гоце Наумовски е избран за нов уставен судија.
Тој е редовен професор на катедрата по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Професорот Гоце Наумовски избран за нов уставен судија
Наумовски е исто така надворешен советник за право на премиерот Христијан Мицкоски.
Неговиот избор следи откако уставната судијка Јадранка Дабовиќ Анастасовска поднесе оставка.
Кој е Наумовски
Роден во Скопје, каде завршил основно и средно образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“, општа насока.
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот “Кирил и Методиј“ се запишал во учебната 1995/96 година.
Од февруари 2000 година бил ангажиран како демностратор на предметот римско право на Самостојната катедра за правноисториски науки.
Дипломирал во јуни 2000 година со просечен успех – 9.
За помлад асистент на научната област римско право е избран во февруари 2003 година.
Веднаш по дипломирањето се запишал на академските, научни постдипломски студии по граѓанско право (изборно подрачје: римско право) на Правниот факултет.
Ги положил сите предвидени испити од постдипломските студии со просечен успех – 9,10, а во мај 2004 година го одбранил магистерскиот труд „Влијанието на римскиот societas врз современиот договор за ортаклак (договор за заедница)” и се стекнал со звањето магистер на правни науки од областа на римското право и на граѓанското право.
За асистент по предметот римско право е избран во декември 2004 година.
Во мај 2007 година ја одбранил докторската дисертација на тема: „Договорот за депозит во римското и во современото право” со што се стекнал со научното звање доктор на правни науки.
За доцент на научната област римско право на Правниот факултет е избран во септември 2007 година, за вонреден професор во мај 2012 година, а за редовен професор во јануари 2017 година.
Во септември 2018 година на Универзитетот во Стразбур, Франција, ја одбранил Докторската дисертација „Релации меѓу квалитетот на трговските марки и когнитивните и конативните варијабли на потрошувачите“, со што се стекнал со научно звање „Доктор на правни науки од областа на приватното право-право на интелектуална сопственост“.
Зборува англиски, француски, грчки и албански јазик.
Во рамките на својата наставно-образовна дејност, Наумовски изведува настава (како носител на предметна програма) на предмети од прв, втор и трет циклус студии меѓу кои: римско право, право на информатичка технологија, реторика, правна аргументација, право на трговски марки и географски називи и други предмети.
Автор или коавтор е на околу сто научни и стручни трудови од областа на римското право, како и од правото на интелектуална сопственост, правото на информатичка технологија и други области кои се рецензирани при неговите избори во звања, стои во неговата биографија.














