Граѓанските организации, најостро го осудуваат новиот фемицид што утринава се случи во Битола, каде 31-годишна жена беше убиена од нејзиниот сопруг со нож.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи (МВР), осомничениот ја нападнал жената со која не живееле заедно, а таа починала на лице место од здобиените повреди.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Маж во Битола си ја уби 31-годишна сопруга
„Ова не е изолиран случај. Ова е уште еден аларм дека Македонија станува сè поопасно место за живеење за жените. Загрижувачкиот пораст на фемициди и случаи на семејно и родово базирано насилство во 2026 година покажува дека институционалната заштита е недоволна, а системот потфрла да ги препознае и спречи ризиците навреме.
И покрај постојаните измени на закони, стратегии и политики, во практика нема суштинско подобрување во заштитата на жртвите. Наместо ефикасна превенција, брза реакција и координирана институционална заштита, повторно сведочиме на загубени животи,“ велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од таму велат дека само во првите месеци од 2026 година веќе се изгубени повеќе животи како последица на семејно и родово базирано насилство.
„Ова е алармантен континуитет на насилство врз жените, проследен со слаба проценка на ризик, бавни институционални реакции и култура на неказнивост. Дополнително загрижува и сè поголемиот број случаи на врсничко насилство во училиштата, од кои дел завршија со напади со ладно оружје и ученици во критична здравствена состојба. Насилството прераснува во сериозна општествена епидемија.
Бараме итна, темелна и транспарентна истрага за случајот во Битола, вклучително и проверка дали претходно имало пријави за насилство или сознанија кај институциите. Доколку се утврдат пропусти, бараме индивидуална одговорност и санкции за секое службено лице што не постапило согласно законските обврски.
Бараме и итни финансиски инвестиции во специјализирани сервиси за жртви на насилство низ целата држава, како и зголемување на професионалните ресурси во сите институции, особено во МВР и центрите за социјална работа, кои ќе бидат фокусирани на заштита од насилство. Неопходни се и сериозни инвестиции во образованието и превентивни програми за спречување на насилството кај младите.
Животот на жените и децата не смее да завршува како статистика поради институционално непостапување и системски пропусти,“ се додава во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Телото на убиената жена во Битола дадено на обдукција, Обвинителство собира материјални докази
Фото: Unsplash














