Макпетрол АД Скопје лани остварил вкупен приход од 31,3 милијарди денари, кој е поголем од минатогодишниот за 212,5 милиони денари, односно остварен е раст од 0,68%, соопштија од таму преку Македонската берза.
-Во структурата на приходите, најголем удел со 98,4% имаат приходите од продажба, од кои 96,86% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 1,54% се остварени преку продажба на странски пазар, односно преку извоз на млазно гориво.
Во текот на 2025 година, Друштвото како потврден лидер на малопродажниот пазар на деривати го зголеми количествениот промет за 2,97%.
Дополнително во согласност со стратегијата, а со цел задоволување на потребите на потрошувачите кои секогаш се во фокусот, Друштвото го прошири малопродажниот асортиман кој се нуди на бензинските станици, а прометот со истиот се зголеми за 9,73%.
Но, и покрај зголемувањето на количествениот промет, приходите на мало бележат пад од 0,6% како резултат на намалувањето на цените на нафтените деривати на светските берзи, кои како набавни цени зафаќаат најголем дел од малопродажната цена на дериватите.
Приходите од големопродажниот сегмент бележат раст од 10,59% во најголем дел поради зголемениот промет со природен гас и млазно гориво.
Вкупните расходи остварени во 2025 година се во висина од 29,99 милијарди денари, што претставува зголемување во однос на минатата година за 57,7 милиони денари или за 0,19%, а растот во најголем дел се должи на зголемените трошоци за вработени за 6,89% и на зголемените трошоци за амортизација за 17,85% поради промена во сметководствените политики.
Набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба, што е неминовно со оглед дека истата во апсолутен износ е најголем дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 84,82% од истите.
Расходите за набавна вредност на трговски стоки, односно набавните цени, се расходи врз кои Друштвото има лимитирано влијание. Истото се должи на регулирањето на најголем дел од набавните цени на нафтените деривати.
Доколку набавната цена на одреден дериват не е регулирана, истата зависи од комплетно екстерни глобални фактори и движења, како што се цените на нафтените деривати на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот.
Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на годината, Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 1,31 милијарди денари, која е поголема за 13,4% од остварената добивка за минатата година кога изнесуваше 1,16 милијарди денари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Андреја Јосифовски купи нови акции на Макпетрол
Саша Лекиќ купи нови акции на Макпетрол
Оилко се стекна со нови акции на Макпетрол














