Еврокомесарката Марта Кос, која денеска беше во посета на Македонија, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, повтори дека земјава мора да ги спроведе уставните измени за реално да ги почне преговорите, но и дека Европската унија (ЕУ) не може да даде гаранции дека во иднина за Македонија нема да има нови услови.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема да има гранции за Македонија, ни еден кандидат за ЕУ никогаш не добил, вели Марта Кос
Посочи дека патот кон членство во ЕУ се темели врз основа на доверба, обврски, посветеност, нивно исполнување и работа.
Прашана како Македонија да гради доброседски односи со Бугарија, која не ги признава македонскиот јазик и идентитет, која достави и унилатералната изјава за македонскиот јазик за време на првата меѓувладина конференција, кажа дека немала рецепт.
-Нема рецепт како ќе ја изградиме довербата. Јас не сум онаа која може да ви дава совети за тоа како да изградите доверба со вашите соседи. Но, она што го знам е дека колку повеќе доверба имате, толку полесно ќе напредувате низ пристапниот процес, кажа таа, посочувајќи дека довербата не се создавала со декларативни пораки, туку со конкретни постапки, почитување на меѓународното право и соработка.
-Она што сакам да го кажам е, како можеме да ја изградиме довербата? Можеме да ја изградиме довербата не само со добри зборови, туку и со добри дела.
Може да градиме доверба со избегнување дејства и зборови што може да зголемуваат тензии, може да ја зголемиме довербата кога ќе го почитуваме меѓународното право, ќе ги решаваме споровите по мирен пат, може да градиме доверба преку соработка на заеднички прашања, рече таа, подвлекувајќи дека градењето доверба не се однесува само на една земја членка, туку на односите со сите 27 членки на ЕУ.
Ја поздрави и зголемената посветеност на земјава во однос на реформската агенда.
-Членство во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки. Би сакала да го објаснам ова со случајот на Црна Гора. Знаеме дека Црна Гора е предводник и ќе добијат трипати повеќе средства од финансиска помош на ЕУ кога ќе станат членка. Ќе имаат веднаш придобивки, а ние истото го сакаме и за Северна Македонија, рече таа.
Мицкоски пак меѓу друго посочи дека очекува европската интеграција на земјава да остане процес кој ќе се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес кој ќе биде оптоварен со билатерални прашања што создаваат неизвесност кај македонските граѓани.
-За нас нема во моментот никаква друга опција ниту план Б, за нас единствена опција е членство во рамките на Европската унија и посветеност во делот на испораката на реформите, рече тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски не очекува промени во преговарачката рамка со ЕУ
Фото: Влада














