Државниот електропреносен оператор МЕПСО АД Скопје ќе ја обжали одлуката на предарбитражното тело за спорови – ДАБ (Dispute Adjudication Board), кое одлучи компанијата од Сараево, Босна и Херцеговина, Енергоивнест, да добие шест милиони евра од македонската компанија, оти МЕПСО еднострано во декември 2024 година го раскина договорот со босанската компанија за изградба на 400-киловолтен далновод (интерконекторот) од Битола до македонско-албанската граница.
МЕПСО ќе бара 19 милиони евра, а за арбитражната постапка државната компанија консултирала и две реномирани адвокатски компании од САД, чии правни анализи, според државната компанија, покажале дека МЕПСО има цврста основа за спорот.
Причината за раскинувањето на договорот според МЕПСО е поради тоа што Енергоивнест во предвидениот рок за изградба на проектот, изградил само 24 темели од планираните 269 столба, што претставува само 4,4 отсто од вкупните работи.
Исто така анализата покажала дека Енергоивнест, кој нема своја оператива во Македонија, целосно се потпирал на подизведувачи од струшко-охридскиот регион, кои имале искуство во градежништво, но не и во енергетска инфраструктура.
Договорот со Енергоинвест е потпишан во 2020 година по приципот “клуч на рака“, а истиот ја опфаќа вредноста на сите непредвидени работи и строго исклучува можност за промена на цените.
Во декември 2022 година, Енергоинвест, според МЕПСО, еднострано го напуштил градилиштето.
Во март 2023 година тогашното раководство на МЕПСО и понудило на босанската компанија анекс-договор од 2,8 милиони евра, кој бил вербално прифатен од компанијата, но потоа писмено бил одбиен.
По два месеци, МЕПСО на босанската компанија повторно и понудила анекс-договор, овој пат вреден 4,5 милиони евра, кој бил одбиен од Енергоинвест, кој барал дополнителни 7,7 милиони евра, што претставува 45% од вредноста на основниот договор.
Тогашниот Управен одбор на МЕПСО потоа донел одлука за раскинување на договорот поради неисполнување на обврските, но Надзорниот одбор ја стопирал одлуката, надвор од своите овластувања и му дал уште една шанса на изведувачот.
По смената на раководството на МЕПСО, договорот е раскинат.
Поради нереализацијата на интерконекторот, Македонија од 2023 година досега изгубила околу 19,8 милиони евра, односно по 6,7 милиони евра годишно. Дополнително, по основ на камати од 2025 година досега биле изгубени уште околу еден милион евра.
Лани на нов меѓународен тендер за изградба на интерконекторот беше избран конзорциум предводен од хрватската компанија Далековод од Загреб.
Новиот договор изнесува 19,3 милиони евра, а дел од конзорциумот се и фирмите Кодар енергомонтажа од Белград, Србија и фирмата Елнос од Бања Лука, Република Српска.
Набавената опрема од претходниот договор ќе биде вградена.














