На Клиниката за детски болести од 1. септември ќе има формално основно образование во болнички услови, за деца на долготрајно лекување.
„Овој важен проект го реализираме во соработка со Министерството за образование и наукa и Здружението САНО. Министерството за образование ќе креира методологија и материјали што децата ќе треба да ги поминат, со цел да ги добиваат здравствените но и образовните услуги,“ изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека овој процес постојано ќе се унапредува и до овој момент, одреден број наставници веќе се на обука, за од 1 септември да можат да почнат да го работат тоа.
„Целта е децата да немаат застој во воспитно – образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата,“ рече Јаневска.
Според директорот на детска Клиника, Реџеп Мемеди вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие мали пациенти значи дека многу полесно и помотивирано ќе го поминат долготрајниот пат на лекување.