На која температура треба да Ви бидат клима-уредите во лето

Уредите за кондиционирање на воздухот се широко распространети во домовите, работните и јавните простории. Правилната употреба на климатизацијата обезбедува топлинска удобност и придонесува за намалување на изложеноста на високи температури, информираат од Институтот за јавно здравје.

Несоодветната употреба и одржување, пак, може да влијаат врз квалитетот на воздухот во затворените простории и да бидат поврзани со појава или влошување на одредени здравствени симптоми.

Квалитетот на воздухот во затворен простор зависи од температурата, релативната влажност, вентилацијата, присуството на загадувачки материи и одржувањето на системите за климатизација.

Несоодветно одржуваните системи, акумулацијата на прашина и влага и микробиолошката контаминација може да придонесат за изложеност на честички, алергени и биолошки агенси.

Посебно внимание е потребно кај децата, лицата на возраст над 65 години, бремените жени, имунокомпромитираните лица и лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

Климатизерите и работното место

Во работните простории, несоодветната употреба или одржување на системите за климатизација може да влијае врз температурата, релативната влажност, вентилацијата и квалитетот на воздухот.

Овие фактори, заедно со други фактори поврзани со условите во затворениот простор, може да придонесат за појава на т.н. „синдром на болна зграда“ – збир на неспецифични симптоми, како главоболка, замор, иритација на очите, носот и грлото и респираторни тегоби, кои се поврзани со престојот во одредена зграда и најчесто се намалуваат по нејзиното напуштање.

Прекумерното разладување, ниската релативна влажност и директната изложеност на струење на студен воздух може да предизвикаат иритација на очите и слузниците на горните дишни патишта и да ги влошат симптомите кај лица со постојни респираторни заболувања. Зголемената влажност, кондензацијата и несоодветното одржување на системите може да овозможат развој на мувла и други биолошки контаминенти.

При голема разлика меѓу температурата во затворениот простор и температурата на надворешниот воздух се препорачува постепено приспособување пред излегување. Доколку е возможно, најмалку 15 минути пред напуштање на разладениот простор намалете го интензитетот на ладењето или престојувајте во простор со температура поблиска до надворешната.

Придобивки од употребата на климатизацијата

Намалување на изложеноста на високи температури и ризикот од здравствени последици поврзани со топлината.

Одржување на топлинска удобност при работа и одмор.

Одржување на работната способност, концентрацијата и продуктивноста при високи температури.

Намалување на прекумерното потење и загубата на течности.

Намалување на концентрацијата на одредени честички и алергени во воздухот при употреба на соодветни и правилно одржувани системи за филтрација.

Намалување на изложеноста на надворешна бучава при затворени прозорци.

Можни негативни здравствени ефекти

Несоодветната употреба и одржување на системите за климатизација може да бидат поврзани со: сувост и иритација на слузницата на носот и грлото; сува и надразнителна кашлица, кивање, назална конгестија и други симптоми на горните дишни патишта; влошување на симптомите кај лица со хроничен ринитис, синузитис, астма и други хронични респираторни заболувања; сувост и иритација на очите и поизразени тегоби кај лица што користат контактни леќи; главоболка, замор и општа непријатност; мускулна вкочанетост и болка при продолжена директна изложеност на студено воздушно струење и алергиски и респираторни реакции при изложеност на прашина, мувла и други биолошки контаминанти.

Климатизацијата сама по себе не предизвикува настинка, грип или други респираторни инфекции. Преносот на респираторните инфекции во затворени простории зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ја вентилацијата, бројот и близината на присутните лица и времетраењето на престојот.

Несоодветното одржување на системите за климатизација, особено кога постојат услови за задржување на вода и влага, може да овозможи микробиолошка контаминација и да влијае врз квалитетот на воздухот во просторијата.

Важно е да се запамети

Климатизираните простории треба редовно да се проветруваат.

Во текот на топлите летни денови, се препорачува температурата во климатизираните простории да се одржува околу 25 °C, при што треба да се избегнува прекумерно разладување.

При голема разлика меѓу температурата во затворениот простор и температурата на надворешниот воздух, се препорачува најмалку 15 минути постепено температурно приспособување пред излегување.

Релативната влажност се препорачува да се одржува меѓу 40% и 60%, со избегнување услови што доведуваат до кондензација и развој на мувла.

Треба да се избегнува директна и продолжена изложеност на студено воздушно струење.

Филтрите треба редовно да се чистат или заменуваат согласно препораките на производителот.

Климатизерите треба редовно да се сервисираат, особено пред периодите на интензивна сезонска употреба.

Инсталацијата, сервисирањето и одржувањето на системите треба да ги вршат соодветно квалификувани лица.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести