На денешната седница, Владата, ги задолжила надлежните инспекторати заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) да почнат координиран вонреден инспекциски надзор за да ја утврдат состојбата со комуналниот отпад во Скопје, информираат од таму.
Вонредниот инспекциски надзор заедно со МВР треба да го извршат Државниот комунален инспекторат (ДКИ), Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Владата, како што велат од таму, исто така, му укажува на Градот Скопје – Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена – Скопје“ во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.
За отпадот во Скопје се огласија и од Основното јавно обвинителство (ОЈО), од каде за проблемот со сметот во главниот град велат дека ОЈО Скопје веќе постапува и презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело.
Оттаму велат дека јавен обвинител издал наредби до МВР и до другите надлежни органи итно да постапат и да извршат проверки за работењето на ЈП „Комунална хигиена“
„Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба“, велат од таму.
Фото: Игор Бансколиев