Вештачењето покажува дека во објектот на „Пулс“ практично немало никаква заштита од пожари, истакна судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, на денешното судење за пожарот во Кочани.
Тој додаде дека градежното вештачење покажало оти безбедноста на посетителите на „Пулс“ воопшто не била во интерес при реконструкцијата и пренамената на објектот за дискотеката.
„Пожарот во „Пулс“ многу бргу доведе до уривање на дел од покривната конструкција, што покажува дека воопшто не се водело сметка. Да се коригирам, можеби за индустријата за која првично бил наменет објектот да, но за дискотека не. Второ, градбата треба да го спречи ширењето на пожарот и чадот во градбата и на соседните објекти. За жал, и тука имаме разочарувачко сознание. Градбата во случај на пожар треба да овозможи лицата неповредени да ја напуштат, односно да овозможи нивно спасување. На крајот, градбата треба да биде така конструирана за да обезбеди заштита и лесен пристап на спасувачките тимови. Видовме дека и ова не е исполнето,“ додаде Марковски.
Тој посочи дека не смее и не може на објекти за различна намена да се користат исти материјали бидејќи ризиците од пожари се разликуваат од различните намени на користење на објектите.
Градежното вештачење, недвосмислено покажало дека системот, односно институциите и поединците целосно не функционирале. Не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите.
„Оние процедури што треба да обезбедат почитување стандарди и регулативи. Или, едноставно, не било почитувано ништо. За сето ова да функционира е потребен систем што ќе функционира и гарантира почитување и спроведување на стандардите,“ рече Марковски.
Фото/Игор Бансколиев














