Владата за нов државен јавен обвинител го предложи Ненад Савески, кој е судија во Одделот за организиран криминал и корупција во Основниот кривичен суд Скопје.
Тој беше еден од тројцата кандидати за кои Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење.
Сега според процедурата предлогот Владата ќе го достави до македонското Собрание, каде тој треба да биде изгласан.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата го предлага Ненад Савески за нов државен јавен обвинител
Кој е Савески
Роден е на 22. јули 1976 година.
Живее во Гостивар.
Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.
Тој е дипломиран правник. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Таму подоцна се стекнал и со магистерска титула по казнено право.
Зборува англиски, германски и српско-хрватски јазик, а има и основни познавања од албански јазик.
Професионална кариера
Професионалната кариера ја започнал како судски приправник во Основниот суд во Гостивар во периодот од 2000 до 2002 година.
Во истиот Суд до 2009 година работел и како како стручен соработник.
Во 2009 година е избран за јавен обвинител. На таа функција останал седум години.
Има и меѓународни и експертски ангажмани.
Член е на повеќе работни групи за судски и законски реформи.
Тој е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, каде што учествува во обуката на идни судии и обвинители.
Савески е и национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач во областа на човековите права и кривичното право.
Тој е автор и коавтор на повеќе научни трудови и публикации.
Моментално го води повтореното судење против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, а одлучувал и за случајот „27 април“.
Приватно
Тој е оженет и е татко на три деца.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ленче Ристоска отпадна, кој останува во трката за нов државен јавен обвинител
Фото: Савески/Фејсбук














