Новата централна зграда на Стопанска банка е првиот објект во земјата што доби LEED Gold сертификат, една од најпрестижните светски сертификации за одржливост во градежништвото, информираат од таму.
-Постигнувањето го позиционира овој проект како пример за одржлив развој во нашата земја и ја демонстрира долгорочната посветеност на Банката кон заштитата на животната средина, иновациите и благосостојбата на вработените и клиентите.LEED претставува кратенка за „Leadership in Energy and Environmental Design“ (Лидерство во енергетски и еколошки дизајн) и е глобално признат систем за сертификација, а развиен од Американскиот совет за зелени градби (U.S. Green Building Council).
Неговата цел е да промовира поздрави, поефикасни и еколошки објекти. Со оглед на тоа што изградениот простор е одговорен за речиси 40 отсто од глобалните емисии на јаглерод диоксид и значителна потрошувачка на суровини, одржливата градба повеќе не е исклучок, туку неопходност за иднината на нашите градови и заедници.
Седиштето на Стопанска банка ги отсликува овие принципи, поставувајќи нови стандарди за начинот на кој се проектираат, градат и управуваат објектите во Скопје, велат од таму.
Проектот постигна високи резултати во повеќе категории на LEED, вклучувајќи: ефикасност на искористување на водата, енергијата и атмосферата, материјали и ресурси, квалитет на внатрешната средина, одржливи локации, локација и транспорт, иновации и регионален приоритет.
-Преку стратегии, како значително намалување на потрошувачката на вода во затворен и надворешен простор, висока оптимизација на енергетската ефикасност, примена на обновливи извори на енергија и одговорно управување со градежниот отпад и рециклирањето, зградата значително го намалува својот еколошки отпечаток, истовремено создавајќи поздрава и поудобна внатрешна средина за вработените на Стопанска банка.
Одржливите принципи беа интегрирани уште од најраните фази на проектирање на објектот. Ефикасните системи за греење, вентилација и климатизација (HVAC), осветлувањето, еколошки одговорните материјали, производите со ниски емисии, водоефикасните инсталации и внимателно избраните градежни решенија беа координирани во согласност со LEED барањата.
Постигнувањето на оваа сертификација бараше блиска соработка меѓу архитекти, инженери, технички консултанти, изведувачи, производители и LEED консултанти во текот на сите фази од проектот – од концепт до финална изведба и пуштање во употреба, посочуваат од таму.
По повод ова постигнување, Хрисула Кутуди, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, изјави:
„Развојот на нашето ново седиште, покрај градежниот проект, го означува и нашиот пат на трансформација. Заедно со сите наши партнери и со вредната и значителна поддршка на NBG Групацијата, поставивме цел да изградиме објект што ги исполнува највисоките меѓународни стандарди, а воедно ги одразува и нашите вредности како одговорна институција.
Добивањето на LEED Gold сертификацијата е доказ за посветеноста, експертизата и соработката на сите инволвирани страни. Исклучително сум горда на проектниот тим на Стопанска банка, чија посветеност беше непоколеблива и клучна за оваа визија да стане реалност„.
Лоцирано во срцето на Скопје, седиштето на Стопанска банка претставува повеќе од само сертифицирана зграда – тоа симболизира визија насочена кон иднината на градот, посочуваат од таму.
-Проектот ја одразува посветеноста на Банката кон одговорни инвестиции, грижа за животната средина и благосостојбата на вработените, клиентите и пошироката заедница, зацврстувајќи ја позицијата на Стопанска банка како лидер, не само во банкарството, туку и во одржливите корпоративни практики.
Како прва LEED-сертифицирана зграда во Скопје, таа поставува значаен пример за идните проекти и придонесува за подигање на свеста за одржливите градежни практики во регионот, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Нова централна филијала за ново поглавје во работењето на Стопанска банка














