Побарав помош од полицаец да го качиме другарот во автомобил ми рече не е негова работа, беше истакнато на денешното судско рочиште против 13 полицајци за „Пулс“

Судскиот процес за „Пулс“ против 13 полициски службеници почна од почеток поради промена на составот на Судечкиот совет. Како што информираше Судот, еден од поротниците информирал дека поради здравствени причини месец и повеќе нема да може да учествува на судењата, додека вториот најавил дека поради други ангажмани нема да учествува повеќе како поротник на судските процеси. 

Обвинетите Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томе Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлум Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Маријан Радевски се повикаа на претходно дадените искази и не признаа вина.

Доказите што досега биле изведени, како и исказите на сослушаните сведоци, се преземаат во новата постапка која продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.

Еден од сведоците, раскажувајќи што се случило вечерта обидувајќи се да му помогне на другар, кога се обратил за помош на еден од полицајците, истиот го одбил дека не било негова работа.

„Надвор го најдов другарот Филип кому му беше повредено коленото. Го однесов во болница и се вратив во дискотеката. Имаше многу народ и лежеа, јас бев збунет и не знаев што да правам. Потоа дојдоа и пожарникари да гаснат. Јас и мојот другар Бојан влеговме во дискотеката во тоалетот, таму го извадивме другарот Давид. Надвор пробавме да го качиме во автомобил. Имаше еден од полицајците, не знам кој, го прашав да ми помогне да го качиме. Тој ми рече дека „тоа не е негова работа,“ изјави сведокот студент.

Средношколка сведочеше дека иако внатре имало полицајци никој не забележал дека е малолетна.

„Кога поминав покрај него, му ја видов само значката на униформата, лицето не му го видов. Кога се вратив на масата, од групата ДНК изјавија “ајде сега да ги поздравиме полицајците”. Само јас бев само малолетна од друштвото на масата, но бев со брат ми и се вратив на масата. Мислам никој не ме примети дека сум малолетна,“ изјави сведокот. 

Третиот сведок, студентка која, исто така била во дискотеката Пулс кобната ноќ на 16 март, објасни пред Судот како избувнал пожарот и дека ја спасиле пожарникари. 

„Кога излегов надвор почнав да го барам татко ми и да викам. Викав силно и хистерично. Кога продолжив да викам, еден од униформираните лица ми рече ако продолжам да викам дека ќе бидам приведена,“ изјави сведокот. 

Судењето продолжува на 13 октомври, со сослушување сведоци. 

Судењето го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, застапник на обвинението е Спасенка Андонова. 

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести