Шест медали за каратистите на Макпетрол на Купот на шампиони во Подгорица

Сениорскиот тим на карате клубот „Макпетрол“ Скопје освои шест медали на меѓународниот турнир „Куп на шампиони“, што викендов се одржа во Подгорица, Црна Гора. Членовите на скопската екипа настапот го завршија со три златни и три сребрени медали во конкуренција на околу 700 каратисти од шест држави.

Златни медали освоија Јована Мицовска во категоријата до 61 килограм, Вукашин Јовановиќ до 67 килограми и Стефан Стојановиќ во категоријата над 84 килограми. До сребрени одличја стигнаа Данило Божовиќ во категоријата до 84 килограми, Викторија Јовановска до 68 килограми и Греса Мустафиу од „Арена“ – Струга во категоријата над 68 килограми.

Настапот во Подгорица беше прв посериозен контролен турнир за сениорскиот состав на „Макпетрол“ по неодамнешното Европско универзитетско првенство во Тирана. Турнирот беше искористен за проверка на моменталната форма на каратистите, борбената подготвеност и реализацијата на техничко-тактичките задачи во пресрет на следните меѓународни предизвици.

– Задоволен сум од постигнатото. Освоивме шест медали, три златни и три сребрени, на силен регионален турнир. Ова беше првата поголема контрола по Европското универзитетско првенство во Тирана и добра можност да видиме во каква форма се сениорите. Има простор за напредок, но генерално сум задоволен од настапот и од прикажаното – изјави тренерот на „Макпетрол“, Петар Заборски.

Во следниот период сениорскиот тим на „Макпетрол“ ќе продолжи со подготовките и со финалното темпирање на формата за настапот во Светската карате лига во Салцбург, Австрија. Шесте освоени медали во Подгорица се позитивна потврда за досегашниот тек на подготовките и добра основа за продолжување на работата пред натпреварите на највисоко меѓународно ниво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести