По повод Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за денеска најавува протест кој ќе започне пред Работничкиот дом, во 11 часот.
Во отвореното писмо до работниците од ССМ посочуваат дека трудот на работниците мора соодветно да се плати, да се цени и да се почитува и затоа синдикатите насекаде во светот, Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај го одбележуваат со протести и демонстрации.
„Вашиот труд како работници не се цени доволно, не се вреднува соодветно и не се плаќа достоинствено. Трите осмици, 8 часа работа, 8 часа рекреација и време со семејството и 8 часа одмор се една од најголемите придобивки за кои се избориле работниците и тоа во далечната 1886 година во Чикаго, кога работниците протестирале за намалување на работното време од 12 часовен работен ден, на 8 часовен работен ден. Тие тогаш не се плашеле на никој, дури и по цена на своите животи.
Но, денес, многу од Вас работат подолго од 8 часа дневно, уште пострашно, не Ви е платено. Денеска во Македонија повторно има 12 часовен работен ден за голем број на работници.
Денеска, многу работници наутро ги напуштаат своите домови, незнаејќи дали безбедно ќе се вратат дома по завршување на работното време.
Денеска, опасноста од укинување или поништување на еден колективен договор, значи опасност за укинување на многу колективен договори.
Денеска, поради игнорантскиот однос на власта и работодавачите, Македонија има најниска минимална и просечна плата во регионот и во Европа,“ се вели во писмото.
Од ССМ потсетуваат дека работничката борба не е еден ден, не е еден протест, не е еден штрајк, но за борба, за протест и за штрајк потребна е бројност, потребни се организирани работници.
„Еден работник може малку, но заедно, работниците можат се,“ порачуваат од таму.
Фото: Унсплеш













