Заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани на денешната прес- конференција информираше дека е повлечен од употреба учебникот по географија за втора година гимназиско образование.
„Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска го потпиша решението на Комисијата со кое спорниот учебник се повлекува од настава. Во него имаше спорни и содржини навредливи за Албанците. За жал, учениците со децении го користеа овој учебник“, посочи заменик министерот Шабани.
Повлекувањето на учебникот по географија е само првиот чекор во коригирањето на содржините од кои се образуваат учениците, рече Шабани.
„Ќе се обидеме да ги отстраниме сите учебници кои содржат неточни и невистинити содржини.
Подготвени сме да соработуваме со сите професори, наставници и стручни лица од образованието и науката, за нашите деца и новите генерации да добијат учебници и дидактички материјали со соодветна содржина“, нагласи Шабани.
Комисијата за давање на предлог за повлекување од употреба на учебник констатирала дека учебникот по географија за втора година гимназиско образование е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат согласно дидактичко – методскиот пристап за возраста на децата.
„Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование. Учебникот е одобрен по наставна програма од 2002 година.
Во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, еден од клучните чекори е обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование.
Пропустите кои низ години се провлекуваат во повеќе учебници и материјали, со реформите ќе бидат целосно отстранети и системски решени. Новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него системски се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците“, информираа од Министерството за образование и наука.
Фото: МОН