Пред да биде убиена Росица од Велес, повеќепати го пријавувала поранешниот партнер за насилство: Детали од Обвинителството

Убиството на 31-годишната Росица Коцева од Велес и нејзинот татко Киро Коцев (74) е во фокусот на јавноста.

Како што веќе објавивме тие беа убиени од нејзиниот поранешен партнер 39-годишниот Илија Стефановски од Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Убиена 31-годишна жена и нејзиниот татко, поранешниот нејзин партнер потоа се самоубил: Детали од МВР за двојното убиство и самоубиство во Велес

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес денеска информираа дека Коцева повеќепати го пријавувала Стефановски во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки и од страна на Обвинителството.

Обвинителството наведуваат дека на 10. април годинава против него е поднесено обвинение за загрозување на сигурноста за настан од 20. февруари 2025 година и за насилство за настан ноќта меѓу 3 и 4. март годинава, во кој бил полесно повреден партнерот на оштетената.

Во рамки на оваа постапка, велешкото Обвинителство наредило и психијатриско вештачење на обвинетиот.

„Вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената“, велат од Обвинителството.

Шест дена пред да ја убие Коцева, на 10. септември, во Основниот суд Велес на Стефановски му е изречена условна пресуда за овие дела и му се укинати дел од мерките на претпазливост кои биле во сила во текот на постапката.

До правосилноста на пресудата во сила останала мерката забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер.

„Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството сè уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба“, посочуваат од Обвинителството

Во текот на постапката, Коцева на 21. мај го пријавила Стефановски за неизвршување судска одлука, бидејќи и покрај изречените дополнителни мерки за заштита од семејно насилство изречени во граѓанска постапка, не ги почитувал и продолжил да ѝ праќа пораки и фотографии во обид да оствари комуникација со неа.

Неколку дена претходно, на 18. мај, дошол до нејзиниот дом, ѝ го одзел и запалил автомобилот, сопственост на нејзиниот татко.

По оваа пријава, велешкото Обвинителство на 26. јуни издало наредба до Министерството за внатрешни работи (МВР) за обезбедување докази од телефонска комуникација како и черити наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот.

Од Обвинителството посочуваат дека МВР постапува по овие наредби.

Освен во велешкото Обвинителство, Коцева поднела пријава против осомничениот и во ОЈО Скопје во март годинава за настан што се случил три месеци претходно – на 27. декември 2024 година – кога по враќање од патување во Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и ѝ нанел лесна телесна повреда.

„Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари.

Иако настанот во Обвинителството беше пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибави медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот. Врз основа на тоа, Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува“, велат од Обвинителството

На 9. септември таа дала исказ во ОЈО Скопје дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Објавени фотографии од убиената жена од Велес и нејзиниот татко

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести