Групацијата за производство на цигари, во рамките на Здружението на производители на тутун и производи од тутун при Стопанската комора на Македонија, го цени фактот што во текот на подготовката на Предлог-законот за заштита од употреба на тутунски производи и сродни производи беше овозможена инклузивна комуникација со предлагачот на законското решение, при што дел од доставените забелешки, ставови и укажувања на деловната заедница беа земени предвид, информираат од таму.
„Нагласуваме дека цврсто ги поддржуваме заложбите за засилување на заштитата на малолетните лица, вклучително и ограничувањето на пристапот, продажбата и употребата на тутунски и сродни производи од нивна страна – принцип кој и самите секојдневно го применуваме во нашето работење преку конкретни механизми и програми.
Истовремено, го поддржуваме носењето на балансирани регулаторни решенија кои овозможуваат одржливост, препознатливост и диференцијација меѓу различните традиционални и нови тутунски производи, преку сите нивни специфики. Регулацијата на новите производи и понатаму треба да остане во фокусот на идната регулатива и нашата понатамошна соработка, каде ја нудиме целосната експертиза како мултинационални компании со светско искуство.
Во разговорите укажавме дека согласно нашите искуства, прекумерната регулација може да резултира со раст на нелегалната трговија и во овој контекст треба да се разгледуваат позитивните искуства на дел од земјите членки на Европската Унија.
Стоиме на ставот дека сè уште има многу области каде што може и треба да продолжи конструктивниот дијалог меѓу сите засегнати страни, со цел соодветно регулирање на отворените прашања во регулаторната рамка и изнаоѓање решенија кои ќе обезбедат соодветен баланс помеѓу јавно-здравствените приоритети, економската одржливост и усогласеноста со современите европски практики,“ се вели во изјавата.
Во предлог-законот на Министерство за здравство, кој е објавен на ЕНЕР се вели:
„Со Предлог-законот за заштита од пушење се уредува сеопфатна заштита на населението од штетните ефекти од употребата на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, како и од изложеноста на тутунски чад во животната средина.
Законот предвидува целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи и уреди за нивна употреба, како и мерки за превенција, подигање на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста.
Предложените мерки произлегуваат од високата распространетост на пушењето во Република Северна Македонија и значителниот здравствен, економски и социјален товар што тоа го создава, како и од потребата за поефикасна заштита на децата и младите.
Предлог-законот е усогласен со меѓународните стандарди и европските политики за контрола на тутунот и има за цел долгорочно унапредување на јавното здравје.“
Законот на владина седница ќе се најде в вторник.














