Семејно насилство на улица во скопски Центар забележано од минувач, беше споделено на социјалните мрежи и предизвика бурни реакции.
Имено, маж ја тепал сопругата, а случајна минувачка се обидела да и помогне на жената.
„Сред бел ден се случи страшен чин на семејно насилство. Насилник брутално тепал жена, ја давел, а рацете му биле крвави. Мојата ќерка се обидела да ѝ помогне на жената и го замолила да престане да ја малтретира. Со него имало уште еден маж, кој ѝ рекол: „Не се мешај, маж ѝ е, што сака нека ѝ прави,“ се вели во објавата сподела на социјалните мрежи од мајката на случајната минувачка.
По реакциите во јавноста од Министерството за внатрешни работи (МВР) го уапси мажот.
„На 29.05.2026 година, околу 11:40 часот, во СВР Скопје од страна на очевидец било пријавено дека на подрачјето на Центар, машко лице физички ја нападнало својата сопруга.
Веднаш по пријавата, полициските службеници презеле мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и заштита на жртвата.
По преземените активности било утврдено дека лицата се од Велес, по што од страна на полициски службеници од СВР Велес биле преземени дополнителни мерки за негово пронаоѓање.
Откако лицето Џ.Б. (48) од Велес, заедно со неговата 43-годишна сопруга, се вратиле во нивниот дом, тој повторно извршил физички напад врз сопругата и нивната малолетна ќерка, при што им упатувал закани со остар предмет.
Благодарение на брзата и координирана реакција на полициските службеници од СВР Скопје и СВР Велес, лицето во 21:00 часот било лишено од слобода. Остриот предмет бил пронајден и одземен, а сторителот бил задржан во полициска станица,“ велат од МВР.
За настанот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Упатуваме апел до сите граѓани, доколку се сведоци или жртви на семејно насилство, истото веднаш да го пријават во полиција или до надлежните институции. Навременото пријавување овозможува брза реакција и соодветна заштита на жртвите,“ додаваат од МВР.
Фото: МВР/Фејсбук














