Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска ги промовираше SMART лиценците, целосно електронски систем за издавање, проверка и јавно следење на лиценци кои ги издава државата, преку електронски регистар и QR код.
„Лиценца што се проверува за 10 секунди. Без сомнеж дали е важечка. Без фотокопии. Без непотребна бирократија.
Со едно скенирање, граѓаните, компаниите и институциите ќе можат веднаш да проверат дали една лиценца е важечка, истечена, суспендирана, укината или во постапка.
Ова значи повеќе транспарентност, помалку хартија, побрзи проверки, помалку административна субјективност, поголема доверба во институциите и во правниот промет,“ изјави денеска Андоновски.
Ова е прв пилот проект, кој веќе е имплементиран во Министерството за дигитална трансформација за давателите на квалификувани доверливи услуги — електронски потпис, електронски печат, временски жигови, електронска препорачана достава и сигурно електронско складирање.
Следниот чекор е проширување на моделот и во други области и сектори.
Фото/Министерство за дигитална трансформација













