Масовен работнички протест и генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор најави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), на денешниот протест пред Стопанската комора на Македонија.
Претседателот Слободан Трендафилов рече дека само еден ден затворање на компаниите и на институциите, државата ќе ја чини многу повеќе од целото годишно зголемување на работничките плати.
„Државата ќе ја чини многу повеќе од тоа што може да го направи сега – да прифати да ги покрие придонесите за задолжително социјално осигурување. Следниот пат нема да доаѓаме со понуда, туку со генрален штрајк кои ќе ги чини многу повеќе од нашите работнички плати,“ изјави Трендафилов.
Потпретседателот на ССМ за приватниот сектор Иван Пешевски рече дека платите за чие што зголемување се борат, повеќе наликуваат на социјална помош, отколку за достоинствен живот.
„Да заборавиме веќе на плата од 400 и 500 евра, затоа што не само што нема да имаме продуктивни работници, туку нема да имаме никакви работници. Ако газдите не се одважат и не дадат дел од профитот што им го овозможиле работниците, секој ден ќе бидеме на улица со блокади и со шатори и секој ден ќе ги потсетуваме дека за тие плати повеќе нема да работиме“, рече Пешевски, кој ги повика работодавачите да се договорат со Синдикатот.
ССМ протестира бидејќи работодавачите не ги прифаќаат барањата за зголемување на минималнаната плата на 600 евра и за зголемување на другите плати за 6.000 денари.
Фото: Унсплеш














