Реплек лани со зголемена добивка и приходи

Реплек АД Скопје лани имал приходи од продажба од 33,8 милиони евра (+7%) и консолидирана нето добивка од 305 милиони денари (5 милиони евра), што претставува раст од 36% во однос на 2024 година, соопштија од таму преку Македонската берза.

-Паралелно со подобрувањето на профитабилноста, со раст на нето маржата од 11,5% на 14,7%, во текот на годината беа реализирани клучни инвестиции во производни капацитети и дигиталната трансформација, проширено беше меѓународното присуство и беа успешно поминати повеќе регулаторни инспекции.

Овие резултати ја потврдуваат способноста на компанијата истовремено да инвестира, да расте и да ја зајакнува својата позиција на домашните и меѓународните пазари, велат од таму.

Продажбите во 2025 година беа реализирани преку избалансирана географска структура, при што извозот учествува со 75% од вкупните приходи, посочуваат од таму.

-Ваквата распределба овозможува диверзификација на ризикот и стабилност на приходите во услови на различна економска динамика на пазарите.

Во текот на 2025 година беа лансирани 9 нови производи, што претставува еден од најдинамичните циклуси на проширување на портфолиото во последните години. Новите производи беа воведени врз основа на детални пазарни анализи и со јасно дефинирана комерцијална стратегија, со постепено и контролирано позиционирање на клучните пазари.

Овој пристап овозможува одржливо градење на пазарен удел и подобрување на структурата на продажбите, со фокус на сегменти со повисока додадена вредност.

Паралелно со развојот на портфолиото, компанијата реализираше значајни меѓународни исчекори. Воспоставувањето на ново партнерство во Либија отвора дополнителен пазарен потенцијал во регионот на Северна Африка. Регистрацијата на првиот производ во Обединетото Кралство – прв македонски производ од овој тип на британскиот пазар – претставува важна пресвртница и потврда за квалитетот и конкурентноста на производите во високо регулирана средина.

Претставништвата во Србија и Босна и Херцеговина во 2025 година започнаа со активна работа, со формирани тимови на терен и реализирани први продажби. Овој чекор овозможува директно управување со пазарната стратегија, подобра координација со локалните партнери и побрза имплементација на комерцијалните активности.

Во рамки на развојот на канабис сегментот беше реализирано целосно ребрендирање на програмата за медицински канабис, со цел појасно позиционирање и усогласување со пазарните очекувања. Отворањето на КА Информативниот центар претставува дополнителен чекор кон поорганизиран развој на сегментот преку едукација и структурирана комуникација со здравствениот сектор, велат од таму.

Консолидираната нето добивка на компанијата изнесува 305 милиони денари (5 милиони евра), со раст од 36%, додека EBITDA маржата достигна 23,7%.

-Подобрувањето на профитабилноста е резултат на подобрена структура на продажбите, дисциплинирано управување со оперативните трошоци и повисока ефикасност во производствените и логистичките процеси. Зголемениот удел на производи со повисока додадена вредност дополнително придонесе кон подобрување на маргините.

Во текот на 2025 година, фокусот беше ставен на одржливост на растот и подобрување на профитабилноста, со внимателно балансирање помеѓу експанзијата и реализацијата на стратешките инвестиции.

Компанијата ја задржа стабилната ликвидносна позиција и дисциплинираната политика на управување со капиталот, при што инвестицискиот циклус беше поддржан со соодветно структурирано финансирање, во рамки на контролирано ниво на задолженост, велат од таму.

Оперативните приходи во 2025 година изнесуваат 2.136 милиони денари и бележат раст од 7% во однос на 2024 година. Приходите од продажба изнесуваат 2.079 милиони денари и претставуваат основен двигател на растот, потенцираат од таму.

-Растот е резултат на проширување на портфолиото, лансирање на нови производи и зајакнато присуство на меѓународните пазари. Останатите оперативни приходи немаат материјално влијание врз вкупната динамика.

Оперативната добивка (EBIT) достигнува 363 милиони денари, со раст од 31%, додека нето добивката по оданочување изнесува 305 милиони денари, што претставува раст од 36%.

Подобрувањето на резултатот произлегува од зголемените приходи, дисциплинирано управување со оперативните трошоци и повисока ефикасност во производствените и логистичките процеси.

Оперативните расходи во 2025 година изнесуваат 1.735 милиони денари и се на нешто пониско ниво во однос на претходната година.

Оперативните расходи се состојат од трошоци за материјали и производство, трошоци за вработени, услуги од трети лица, амортизација, како и останати оперативни трошоци поврзани со дистрибуција, логистика и административно работење.

Стапката на движење на расходите е пониска од стапката на движење на приходите, што укажува на подобрена трошочна дисциплина и структурно подобрување на ефикасноста. Движењето на расходите е поврзано со проширување на активностите, инвестиции во нови капацитети и зголемен обем на работење, при што е задржан контролираниот пристап кон управување со трошоците, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

“Ситко Антонио“ купи акции на “Реплек“

Настел продаде нови акции на Реплек

Што предвидува Бизнис планот на Реплек за 2026

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести