Денеска во црногорското крајбрежно одморалиште Тиват, ќе се одржи нов Самит ЕУ-Западен Балкан.
На истиот ќе учествуваат лидерите на земјите од Западен Балкан – Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, а Македонија ќе ја преставува премиерот Христијан Мицкоски.
Истиот се одржува под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската унија и Западен Балкан“, а главните теми ќе бидат проширувањето на Унијата и Планот за економски раст на Западен Балкан.
Тема ќе биде и справувањето со заедничките предизвици и зајакнувањето на безбедноста и отпорноста во услови на се посложена геополитичка ситуација, како и унапредувањето на соработката во надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Во европската делегација пак ќе бидат лидери од земји-членки на Унијата, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола.
Домаќин на Самитот е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, а со истиот ќе преседава Кошта.
Самитите ЕУ – Западен Балкан се одржуваат од 2018 година, а последниот се одржа лани во Брисел.
Фото: Влада













