(Галерија) Се комплетира првата фаза од булеварот „Македонија“, еве како изгледа моментално

Во Скопје се комплетира првата фаза од булеварот „Македонија“.

Со истиот главниот град конечно ќе може да ја користи и првата подземна сообраќајница, која е веќе изградена, а нејзиното ставање во функција зависи од комплетирањето на сите фази од овој проект.

Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти, од кои четири се за двосмерен автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и со пешачки патеки.

Како што информираа од Град Скопје во рамки на првата фаза, се поставуваат последните слоеви асфалт на потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот Крст.

Во рамки на првата фаза се изврши реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти.

Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ кој се поврзува со следните фази од трасата.

Улицата „Пролет“ е проширена со дополнителна коловозна лента на потегот од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, додека раскрсниците се уредени со нови сообраќајни острови.

Во наредните фази следува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.

Паралелно, се работи и на атмосферската канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Како ќе изгледа по првата фаза булеварот „Македонија“, со чија реконструкција ќе се стави во функција подземната сообраќајница кај „Лимак“

Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести