Швајцарски претседател првпат ја посети Македонија

Претседателот на Швајцарија, Ги Пармелан денеска е во прва официјална посета на Македонија.

Тој е првиот швајцарски претседател што ја посетил земјата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на средбата со Пармелан во вила „Водно“, го потенцираше историското значење на оваа посета и пораката која Швајцарија ја испраќа кон Западен Балкан.

Таа посочи дека Швајцарија е пример од кој земјава може да учи, особено во делот на демократијата, партиципативната политичка култура, локалната самоуправа и директната демократија.

„Зошто е за нас важна, затоа што се работи за еден успешен пример на мала федеративна повеќејазична држава, во која разликите се надминуваат со знаење, со граѓански капацитет, со компетентност и, се разбира, со постојана активност,“ рече Сиљановска Давкова.

Таа особено се заблагодари за поддршката на Швајцарија во формирањето и работата на Парламентарниот институт во македонското Собрание, бидејќи како што истакна, тој е најдобрата и најглавната логистичка поддршка на работата на парламентот.

„Уште една програма поддржува Швајцарија за поддршка на Парламентот, насочена кон подобрување на законодавната процедура на зајакнување на надзорната функција на Парламентот, на транспарентноста во работата, а особено во комуникацијата со вас новинарите“,“ рече Сиљановска Давкова.

Според неа, Швајцарија е еден од најголемите донатори на земјава, со значајна поддршка во демократското управување, одржливиот економски развој, заштитата на животната средина и јакнењето на институциите. Преку Програмата за соработка 2025–2028 обезбедува 56,1 милион швајцарски франци за поддршка на реформите и евроинтегративниот процес на земјава.

Во однос на евроинтеграциите претседателката посочи дека како држава бараме да бидеме третирани како другите, да се концентрираме на реформските предизвици и да не ја губиме енергијата на ирационални прашања.

Пармелан рече дека двете држави поврзуваат долгогодишна традиција на мултикултурализам, силна дијаспора и блиски билатерални врски. Нагласи дека Швајцарија им придава големо значење на мирот и стабилноста во Западен Балкан и дека регионот останува приоритет на швајцарската надворешна политика.

„Живееме во тешки времиња. Важно е државите да имаат слични вредности што ќе ги зајакнат нивните односи. Оваа посета претставува важен чекор во билатералните односи меѓу нашите две земји и има за цел да отвори пат за нови и идни размени на овој пат,“ рече Пармелан.

Швајцарскиот претседател се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски, кој по средбата истакна дека имале работен ручек со високата делегација предводена од Пармелан, на која присуствувале и претставници од бизнис заедницата.

„Разговаравме за сите можности, за предизвиците, но и сето она коешто не поврзува и како сето тоа да го зголемиме и засилиме во периодот којшто следува. Убеден сум дека во периодот којшто следи нашите билатерални односи ќе го достигнат она ниво коешто и ние го очекуваме, посебно во делот на економската соработка и трговската размена,“ рече Мицкоски.

Двете земји ќе работат на формирање на комора за стопанска соработка.

Фото: Кабинет на претседателката/Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести